|
НОВ ЕТНОАЛБУМ
„Баклава“ го промовираше „Калемар“
Домашниот етносостав „Баклава“ вчера го промовираше својот нов студиски албум „Калемар“ во кафулето „Сопотско“ во Скопје. Сите посетители и вљубеници на македонскиот мелос, освен што го преслушаа едночасовниот материјал, имаа ретка можност и да позборуваат со членовите на групата. Цедето содржи 14 песни од кои поголем дел се авторски, потпишани од членовите на бендот. Звукот и стилот се задржани во создавањето нови песни, како и во начинот на изведба од сите членови: вокалистката Елена Христова и инструменталистите Никола Николов, Владимир Мартиновски и Дејан Србиновски. Гости на албумот се виолинистот Ерхан Шукру и виолончелистот Дејан Теодосиевски. На бонус-песната „Ој девојче“, снимена во 2004 година во студиото „Профундус“, учествуваат и Александар Стаматов на тамбура и гудачкиот квартет „Квартет“. Албумот, како и претходниот, е во издание на „Скопски џез-фестивал“ и е втор албум на групата, а нејзиното име е инспирирано од истоимената песна на поетот Ило В. Гајтаноски, но всушност го претставува во еден здив звукот на овој албум, кој групата го калеми веќе неколку години, негувајќи го истиот македонски мелос и традиција. По официјалното претставување, групата планира промотивен концерт во Скопје до крајот на годината, како и мини-турнеја по градовите низ Македонија.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|