|
СЕ РАЗРЕШУВА ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА
Рускиот гас повторно ќе замириса во Европа
Наталија Томовска
Од три до пет дена, најверојатно, ќе се нормализира испораката на руски гас во Европа и на Балканот. Алексеј Милер, шеф на руски „Гаспром“, по средбата со украински „Нафтогас“ во Брисел во четвртокот изјави дека Русија ќе продолжи да испорачува гас преку Украина за Европа веднаш по пристигнувањето независни набљудувачи. Според најавите на ЕУ, договорот за испорака на гас требаше да биде потпишан во текот на вчерашниот ден, но до затворањето на весникот потписот не беше ставен. Крсте Миладинов, директор на дистрибутерот на гас во Македонија „Гама“, вели дека гасот во Македонија треба да пристигне 60 часа од пуштањето на гасот од страна на руски „Гаспром“. Македонија е без гас од вторникот. За разлика од земјите во Европа, кај нас штетите од прекинот на гас се минимални. Од компаниите единствено компанијата за заварени цевки „11 Октомври“ и компанијата за лим „Макстил“ мораа да прекинат со работа поради што 2.000 работници требаше да заминат дома, додека „Топлификација“ за еден ден успеа да премине на мазут. Од фабриката за заварени цевки „11 Октомври“ во Куманово велат дека во моментов се борат да ја доведат фабриката во функција. Штетите што настанале поради прекинот во работењето се проценуваат на околу 100.000 евра. - По прекинот на испорака на гас, бевме принудени да запреме со работа, кадата со цинк ја испразнивме, а работниците ги пуштивме дома. Сега 90 тони цинк треба повторно да се стопат за што ќе ни треба една недела. Ова значи дека уште седум дена нема да можеме да работиме - вели Слободан Богдановски, директор на фабриката „11 Октомври“. Челниците на „Макстил“ вчера цел ден беа на состанок на кој требаше воедно да се одлучи за работата на компанијата. Директорот, Александар Панов, рече дека штетите на компанијата ќе бидат огромни. Панов вели дека мора ги исполнат договорите кои се склучени до март, но доколку фабриката не работи повеќе од два дена, ќе имаат потешкотии во навремената испорака на лим кон странските компании со кои соработуваат. За разлика од кај нас, во Европа штетите од прекинот во испораката на рускиот гас беа огромни. Романија веќе прогласи вонредна состојба. Во Бугарија најавија активирање на нуклеарниот реактор ако не се нормализира состојбата. Во Босна масовно се купуваа греалки и дрва. Србија деновиве доби гас од Унгарија и некои топлани беа пуштени во работа, но многумина останаа без греење.
Поевтинувањето на парното извиси
Парното нема да поевтинува. По доставата на руски гас во Македонија, „Топлификација“ ќе мора повторно да го замени мазутот со гас, кој е двојно поскап од мазутот. - Освен во топланата „Запад“, која работи само на мазут, другите топлани имаат инсталирано опрема која работи 70 проценти на гас. На „Топлификација“ & е дозволено само во интервентни услови да користи мазут за да им обезбеди греење на граѓаните. Но, штом дојде гас, компанијата ќе мора да продолжи да користи гас - вели Мемед Фирус, директор на инспекторатот во Министерството за животна средина. Директорот на „Топлификација“, Димитар Хаџи Мишев, вели дека доколку добијат дозвола од Министерството да користат мазут, цената за парно греење ќе биде двојно поевтина.
|