|
ДЕБАТА ВО РАМКИ НА ФЕСТИВАЛОТ „ОНЛАЈН-ОФЛАЈН“
На културните портали им треба „девојка на денот“
Македонските интернет-портали што промовираат уметност и култура се многу слабо посетени во однос на тие со забавни и со политички содржини. Тестовите направени со културните портали на кои е закачена рубрика од типот „девојка на денот“, покажуваат дека бројот на интернет-корисниците значително се зголемил. Ова се искуствата на претставниците на културните портали, уметниците и на проследувачите на културната сцена, изнесени на дебатата во рамки на фестивалот за интернет и за култура „Онлајн-офлајн“, кој вчера и денес се одржува во културниот центар „Точка“. Сашо Мацановски -Трендо, еден од придвижувачите на домашната блогосфера, потсети дека македонската публика традиционално прво се „лепи“ на голотија, а потоа и на текстови и на видеа, кои коментираат актуелни политички теми. - Малку се луѓето што полемизираат за актуелни културни настани, но затоа ги има многу тие што сакаат да бидат лекари на националното ткиво - вели Мацановски. И Јасна Шоптрајанова-Вртева, основач на културниот портал цултуре. ин. мк, кој постои осум години, вели дека од секогаш разновидните содржини на забавните портали се попосетени во споредба со културните. На културните, пак, им останува теснопрофилирана публика, која бавно се умножува. - Кај специјализираните портали за култура, како што е цултуре. ин. мк, не е секогаш важен бројот на посети, поважно е кој и колку редовно ги посетува тие портали и, конечно, што прави понатаму со тие информации надвор од интернет - вели Шоптрајанова-Вртева. Многубројните блогери, кои учествуваа во дебатата на фестивалот „Онлајн-офлајн“ констатираа дека најжестоки дебати во блогосферата се водат околу актуелни политички проблеми. Во последно време блогерите најчесто зборуваат за тоа како да се зачува идентитетот, за тоа дали аеродромите и фирмите треба да се именуваат како „Александар Македонски“, „Филип Втори“ или не, и слични нешта. Општата опиеност со политичките проблеми и стандардната и универзална заведеност од голотијата, според учесниците на средбата во „Точка“, не се единствените причини што ја одвлекуваат публиката подалеку од порталите за култура. Според многумина, тие се слабо посетени и поради тоа што, покрај основните информации за културните случувања, не нудат пообемни анализи, теми, критики и реакции на конкретни културни проблеми. - Мора поинтензивно да се збогатуваат содржините на порталите, мора публиката да се заинтригира со нешто, со некоја интересна тема - забележа една блогерка, единствената што пишува за македонската археологија. Проблемот со културната стагнација на интернет, констатираа учесниците на дебатата, лежи и во недоволната информираност на младите уметници за можностите за промоција, кои ги нуди глобалната мрежа. Имено, досегашната практика покажува дека македонските уметници се уште се приврзаници на традиционалниот начин на изложување на своите дела: во галерии и во музеи. Ситуацијата не е поинаква и кај другите балкански земји. И тие се соочуваат со истите проблеми: незаинтересираност кај публиката за културни содржини, слаб пробив на културните портали и мала финансиска поддршка од државата. - Со години се бориме единствениот културен портал што ја промовира уметноста од цела Југоисточна Европа, Сеецулт, да здобие публика и да функционира како што треба. Препуштени сме сами на себе, без финансиска поддршка од државата. А, да не зборувам за опасноста од кичот и од турбофолкот, кои кај нас се многу присутни - забележа претставничката на српскиот портал сеецулт. орг,
|