|
СПОРОТ СО ГРЦИЈА НЕ ТРУЕШЕ ГОДИНАВА, ЌЕ НЕ ТРУЕ И В ГОДИНА
Во име на инаетот
Жарко Јорданоски
Како што е познато, на Балканот некои години се сушни, некои врнежливи, а сите се историски. Таква беше и оваа година што измина, а нема причина таква да не биде и оваа пред нас. Ако не поради друго, тогаш поради историската пригода (која по ред?) да се затвори исцрпувачкиот спор за нашето име, кој ја труе македонската политика, како што убаво забележа словенечкиот европратеник Зоран Талер. Дали Македонија на крајот на оваа годинава е поблиску до решение на овој спор отколку што беше на почетокот? Тоа само Чак Норис го знае. А дали истиот отров што ја труеше македонската јавност лани ќе го консумираме и в година? Повеќе од сигурно - да! Тоа можеме да го тврдиме и сами, без да го прашаме Чак. Дури се чини дека фамозните црвени линии сега се уште поздебелени и уште пооддалечени од лани. Како дотеравме до овој јаз, а цела година „го решаваме спорот“, без оглед дали преговараме, разговараме или само „не се откажуваме од процесот“? Што ли ќе беше да не го решававме? Има барем две причини да се верува дека решението е поблиску. Македонија годинава доби две убави вести од Европската унија, постигна два историски успеси. Прво, на средината на октомври, Европската комисија го објави извештајот за напредокот на реформите во Македонија, за првпат нагласено заситен со суперлативи. Некои велат намерно ретуширан, за да се добие впечаток дека Македонија одамна е подготвена да почне преговори со Унијата. Второ, Унијата ги укина визите за македонските граѓани, со што даде јасен сигнал дека европската интеграција на Македонија ја смета за иреверзибилен процес. Јасно е дека Брисел имаше „задна намера“ со овие потези малку да ни го подотвори прозорецот кон европската, безвизна иднина, колку да знаеме колкав влог е во прашање. И да не поттикне сите, на чело со владата, да размислуваме во правец на решение на спорот со Грција. Европските дипломати Солана, Рен, Баросо се мачеа како да ја завиткаат оваа порака, а да излезе како гола трговија, да не кажат отворено дека Македонија е оценувана „со протекција“ и дека од неа нешто се очекува. Македонските власти, егоцентрични како секогаш, не прочитаа ништо од тоа. Тие го сфатија извештајот и безвизниот режим како единствен логичен и неминовен плод само на своите реформски залагања. Како да не чуле дека реформите, како и чашата со вода, можат да се опишат како полупразни или полуполни, зависно од волјата на гледачот. Особено што Македонија е се уште далеку од безгрешна демократија. Друг импулс кон добра клима за компромис беше и нагласено новиот пристап на тазеизбраниот грчки премиер Јоргос Папандреу. Тој емитуваше благи тонови и воведе практика директно да се среќава со македонските политичари. Македонските власти не сфатија дека и сами можат да манифестираат добра волја со некој гест. Солана и Рен дури и пишуваа отворени колумни до Груевски. Некои домашни кругови сугерираа олабавување на антиквизацијата, но веднаш беа жигосани како предавници. Отрезнувањето стигна набргу. На последната сесија во Њујорк Грците ги извадија своите екстремни позиции, какви што само тие можат да смислат. Во осум точки ни беше исцртана „дебела грчка линија“ во која нема место ниту за македонска нација, македонски јазик и се во тој дух. Владата како едвај да го дочека овој грчки „испад“ за да покаже и да докаже дека не може да се постигне решение. Папандреу, кој има учено дипломатија по американски универзитети, не само што не негираше, туку уште повеќе го засили тој впечаток. Свесен дека колку повеќе неговите максималистички позиции се повторуваат толку повеќе се зацртува грчката позиција во продолжението на преговорите. На директната средба во Преспа, според зборовите на Груевски, Папандреу уште повеќе му ги нагласил овие барања, па дури и го „советувал“ својот соговорник отворено да ги пренесе на јавноста. Тоа Груевски и го направи, уверен дека сите ќе сфатат кој е „бед гај“. Но, за негова жал само стана јасно кој е овде во тесно. Кога на следната кривина, веќе на министерскиот совет на 8 декември, изостана конкретниот датум за преговори, под притисок на Грција, нашите првенци повторно го вратија букурешкиот рефрен: „Ние се исполнивме, а само една членка се спротивставува и (суптилно) не блокира!“ Никој не успеа да праша каде беше таа „една земја членка“ кога се одлучуваше за позитивниот извештај или за визната либерализација? Дали тогаш и беше забрането да блокира? Или, можеби, тоа молчење беше дел од планот за да се види што може со Македонците да се постигне „со арно“? Така го добивме и второто вето, кое ги фрли во сенка сите позитивни „климатски промени“ во спорот, кои будеа оптимизам. Тој топло-студен третман ги стави нашите власти во шизофренична ситуација. Плачеа и се радуваа во исто време. Прво провладините интелектуалци и медиуми се нафрлија со тешки зборови врз европската „курвинска“ политика, бараа прекин на преговорите, ламентираа над црната судбина... Веднаш пред седиштето на ЕУ во Скопје се организираа спонтани протести. Се пребројуваше кои европски земји биле од наша, а кои од грчка страна во „битката“ за датумот, се пумпаше борбена реторика и се прогласуваа домашни предавници „на ангро“. За иронијата да биде поголема, буквално во исто време се славеше на сите можни начини паѓањето на шенгенската бариера и излегувањето од „занданата наречена Македонија“! Со зурли и со тапани се глорификуваше можноста да се прошета по калдрмите во Париз или во Рим и да се види одблизу - истата Курва Вавилонска! Некој недоволно упатен би помислил - што не е во ред со нас? Со таков „лав-енд-хејт рилејшншип“ влегуваме во новата година, со официјална декларација од МНР дека датумот за членство во ЕУ ни е врвен приоритет во надворешната политика, поголем дури и од односите со САД. Тоа не би било спорно ако во таква „битка“ не влегуваме со тазе рефреширана двојна формула, со веќе излеан Александар во Венеција и со стратегијата за името предвидена на страна 146 во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. А, без поширок внатрешен консензус или барем меѓусебно разбирање. Може ли со таков арсенал да се добие датум, да се почнат преговори со ЕУ, да се влезе во НАТО, а истовремено да се добие „битката“ за името? Не треба да се заборават и внатрешните односи. ДУИ не може пред својот електорат да истрпи подолгорочно суспендирање на евроинтеграциската агенда. Доколку до тоа дојде, на оваа владина коалиција и се одброени деновите. Во таква ситуација, Владата може да функционира без албански партнер, но тоа е само привремено решение, кое води до предвремени избори. Такви избори ќе бидат штетни за сите, па дури и за ВМРО-ДПМНЕ. Може да му се верува на Груевски дека не планира такви избори, што не значи дека нема да биде принуден да ги распише. Не е исклучено целата година коалицијата да опстане, клатејќи се, и да купува време од чисто конјунктурни мотиви на сите што имаат интерес таа да опстане. Во таков случај ќе имаме цела година симулација на преговори, симулација на евроинтегративни напори, подготовки и слично. Тоа значи уште една години што ќе ја изедат скакулци, без развој, со статус кво. Друго прашање е колку долго може да се толерира оваа вжештена дебата и остра поделба во јавноста на предавници и на македоноиди, на антички и на славјански, на соросоиди и на четници? На македонското етничко „ткиво“ опасно му се трошат капацитетите да го одложува решавањето на овој спор. Дури би се рекло дека шест месеци од шпанското претседателство, колку што „доби“ од Советот на министри, на Македонија и се многу. Оваа колективна агонија мора да се прекине колку што е можно поскоро. Но, како што знаеме, душевното здравје на нацијата не е меѓу приоритетите на ниту една партиска програма. Деновиве чувме дека на оваа власт тие поделби и биле „смешни“, па според тоа, не прави ништо да ги спречи. Тоа што во македонската јавност има опасен суфицит од омраза, таа не го препознава ниту како свој производ ниту како своја надлежност. Најголема опасност што на Македонија во 2010 година и се заканува е да се „искинеме од смеење“.
Кризата во улога на олеснувач
Има еден фактор што може да и помогне на Македонија да излезе од ѓаволскиот круг со спорот за името. Економската криза! Парадоксално, но за Македонија економската криза може да биде спасоносна. Може да се шпекулира дека оваа Влада, во суштина, и не сака да влезе во ЕУ и во НАТО и дека спорот одлично и доаѓа за да си го одржува рејтингот и да си смислува оправданија за сите други неуспеси, особено на економски план. Може да се верува дека и на Грција оваа ситуација и одговара „за да не уништи“. Но, тие приказни се со краток здив. Доколку светската економска криза продолжи, и уште подлабоко ги погоди двете земји, за што постојат знаци, тоа може да влијае и врз спорот за името. Унијата покажа дека е решена да не ги остава на цедило националните економии, а за иронија на судбината, токму Грција е следна земја што ќе мора да се потпре на европската помош. Заедништвото и солидарноста што европските земји го демонстрираат соочени со кризата, може во иднина да бидат единствен извор на сигурност и стабилност за државите од регионот. Во такви околности и Македонија и Грција ќе мора поинаку да резонираат, па можеби и ѓаволот (компромисот) нема да им се види толку црн.
|