|
ВО ВИДЕООБРАЌАЊЕ ДО ГРАЃАНИТЕ
Црвенковски: Работата тргна, нема запирање
Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, преку своето видеообраќање на новиот портал на партијата ги повикува граѓаните да им се придружат во „битката што не се пропушта“. По шест месеци од враќањето на старо-новиот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, тој констатира дека СДСМ ги консолидирала своите редови, а задоволен е и од се повеќебројното членство, особено млади луѓе. - СДСМ е партија со ефикасна организациска поставеност, со нов заокружен програмски концепт и со прецизен план за идните активности. Трибините и промоциите низ државата се масовни и се поисполнети со позитивна енергија. Она што нам посебно не охрабрува е секојдневниот масовен прилив на нови членови, особено од редот на младите. Со еден збор, работата тргна! Сега запирање нема - вели Црвенковски. Тој потсети на кризната 2009 година, која била година на економски проблеми и разочарувања. Затоа тој, во новата година, повикува на заеднички труд со граѓаните за да ја добијат битката. - Ние, во СДСМ сме цврсто решени да не седиме со скрстени раце. Оваа пустош и темнина што ни се случува, не е наша судбина. Се може да се промени, да биде поинаку, да биде подобро. Ние сме решени да се бориме и да се избориме за подобро. Ве поканувам да ни се придружите - вели Црвенковски, посакувајќи им здравје, среќа и успех на сите граѓани.
|