|
НОВИ 150 АРХЕОЛОШКИ СУВЕНИРИ ВО „МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА“
Во продажба двојници на најубавите артефакти
Кате Антевска
Најатрактивните артефакти пронајдени лани на нашите археолошки локалитети ќе добијат копии наменети за продажба. Од „Музеј на Македонија“ велат дека е во тек изработка на дупликати на 150 артефакти, од вкупно 10.000 што беа ископани во 2009 година во Стоби, Хераклеја, Исар Марвинци, Самуилова тврдина, Зрзе и од други локалитети. Меѓу предметите, со посебна вештина во изработката на древните мајстори се издвојуваат златните обетки со гулабици од Исар Марвинци, теракотни фигури на животни и на комедијанти од Стоби, златниот колан на античката принцезата од Горна Порта, Охрид, садови од керамика и од бронза и други. Во продавницата за сувенири во „Музеј на Македонија“ веќе 17 години се прават дупликати на археолошките пронајдоци, кои се едни од најчестите подароци за странските посетители на земјава. Низ годините понудата на музејската продавница достигнала бројка од 100 предмети, а со годинашната акција да се изработат уште 150 сувенири, таа, практично, ќе порасне за 150 проценти. Во новата акција, најмногу ќе има копии на садови од керамика и од бронза (од античко време и од среден век), фигури изработени во теракота и златен накит, најави Паско Кузман, директорот на Управата за заштита на културното наследство. - Ископувањата во 2009 година резултираа со разновидни и мошне интересни наоди од различни периоди. Дел од нив мора да се реплицираат и да се продаваат, да ги види јавноста - вели Кузман. Меѓу нив, посебно прецизно се изгравирани златната фолија, златниот колан и неколку парчиња од накит пронајдени во таканаречениот „гроб на античката принцеза“ од Горна Порта во Охрид. Тие се и едни од предметите на тековната изложба „Македонска археологија 2009“ пред кои посетителите најмногу се задржуваат. Според претпоставките на археолозите, златните фолии со мали димензии, наменети за покривање на очите и на устата, златниот колан, како и обетките и белегзиите, потекнуваат од 5 век пр.н.е, а се најдени во гроб на млада жена, најверојатно принцеза. Сите овие предмети имале ритуална маскирна функција и го прекривале горниот дел од телото. Реплики на теракотни фигури од римско време пронајдени во еден гроб во Стоби, исто така, ќе се продаваат во музејската продавница. Силвана Блажевска, раководителката на истражувањата на локалитетот Стоби, вели дека наодите од античкиот град се мошне интересни, токму поради тоа што се со претстави на божества, животни, но и со сцени од секојдневниот живот. - Посебно се интересни теракотите со комедијанти, кои во тоа време ги забавувале луѓето. Вакви фигури често се наоѓаат во гробници од првиот век пр.н.е - вели Блажевска. Археолошките сувенири се одлични за промоција на македонската археологија и дома и надвор, коментираат археолозите. - Туристите што доаѓаат во посета на Македонија, дома редовно понесуваат по некој сувенир, претставник на македонската култура. Досега изборот беше ограничен, сега ќе се зголеми речиси двојно - вели Перо Јосифовски, програмскиот директор на „Музеј на Македонија“.
Големата мајка, менада и светилките најбарани
Од стоте најпрепознатливи наоди откриени на македонска почва, кои имаат дупликат - сувенири во „Музеј на Македонија“, најбарани се: жртвеникот Големата мајка од Тумба Маџари, потоа женската фигура што игра, позната како Тетовска менада од 6 век пр.н.е, теракотните икони од виничко Кале, антички садови и други предмети. - Многу често се купуваат и копиите на светилки, кои се прилично малечки, евтини се, а на нив има интересни претстави, како глава на момче или апстрактни орнаменти. Меѓу нив има една светилка на која е врежан љубовен пар во сексуална поза, што е посебно баран - велат од продавницата. Цените на сувенирите, се движат од 300 денари, па до 8.000 денари, во зависност од големината и од материјалот од кој се направени.
|