|
„Заборавени“ пари
Весна Дамчевска
Владата чува големи парични резерви за одбрана на денарот. Само од еврообврзницата се чуваат околу 140 милиони евра на девизната сметка, а, во меѓувреме, Владата секојдневно се задолжува „заборавајќи“ на овие пари како грижлива домаќинка, која колку и да се најде во густо, заборава на заштедата. Ова, пак, е голем сигнал дека никој во државава, па и Владата, не смее премногу да се отпушти и недомаќински да троши бидејќи притисокот врз кревкиот денар постојано демне и покрај сите најави дека излегуваме од кризата. Дека девизните резерви се уште се соочуваат со ризици беше посочено и во последниот секторски извештај на ММФ за Македонија. Според монетарците, оптималното ниво на резервите треба да биде од 1,5 до две милијарди евра, а проектираното ниво за годинава е 1,4 милијарди евра. Народна банка, пак, на последната седница на Советот заклучи дека девизните резерви на крајот од минатата година биле на повисоко ниво од тоа што било планирано и дека се намалува дефицитот на девизната сметка. Како и да е, државата ја продолжи практиката постојано да се задолжува. Засега, не може да се почувствува ветувањето за оваа година дека ќе имаме помало внатрешно задолжување. На последната аукција на хартии од вредност, минатата недела, државата зајми од банките 24 милиони евра, а истовремено во собраниска процедура помина и задолжувањето од 20 милиони евра во Светска банка. Загрижува и фактот што само во првите два месеца од годинава по пат на задолжување со хартии од вредност се зајмени 55 милиони евра, а во истиот период достигнале за враќање 85,5 милиони евра. Владата повеќепати нагласи дека не сме задолжени на високо ниво и дека уште има простор да се задолжуваме. Од ММФ потсетуваат дека ние сме некаде на средината на листата за задолжени земји со фиксен девизен курс. Факт е дека имаме милиони зајмени пари и дека размислуваме за нови задолжувања. Експертите предупредуваат дека самиот буџет е таков што ќе ја принуди Владата повторно да зајми. Но, колку што ни се поголеми шансите на патот кон ЕУ, со тоа ни расте и кредибилитетот, а ни се намалуваат можностите за некомерцијални кредити. Тешко ќе биде ако се најдеме во ситуација за старите долгови да мораме да земаме нови кредити, со пазарни камати.
|