|
СЕ РАЗОРУВААТ ПРОТЕСТИТЕ
Институциите во Грција запреа со работа
Двата главни синдиката во Грција - Генерална конфедерација на трудот-ГСЕЕ и Федерацијата на државни службеници, за утре закажаа генерален 24-часовен штрајк. Масовни штрајкови и блокирани институции е и вчерашната слика во Грција, во време кога премиерот Јоргос Папандреу ја продолжи својата турнеја за лобирање префрлајќи се од Европа во Америка. Државните институции во Грција речиси и не функционираат спротивставувајќи се на владиниот пакет во кој е предвидено намалување на додатоците за платите на административците, повисоки даноци и акцизи. Вработените во даночните и во судските служби, кои почнаа со штрајкот вчера, до петок ќе ја запираат работа по два часа дневно, од 10 до 12 часот. Вработените во грчкото Министерството за внатрешни работи ја продолжија окупацијата на државната печатница во Атина за да го спречат печатењето на Законот за новите економски мерки за штедење во грчкиот „Службен весник“. Окупирана е и зградата на Управата за јавни приходи. Од вчера до утре се затворени и сите депонии. Во Грција е отворена „банкарска сметка за солидарност“ за уплата на пари за намалување на државниот долг. Сметката за доброволните прилози ја отвори Централната банка. Кампањата за таков фонд ја раководи претседателот Каролос Папуљас. Грчкиот премиер Јоргос Папандреу предупреди дека грчките долгови може да предизвикаат нова глобална финансиска криза. - Доколку кризата во Европа и натаму се шири, може да избие нова светска економска криза, која ќе има тешки последици, слични како тие од кризата во САД од пред две години - изјави завчера Папандреу во Вашингтон, ден пред средбата со американскиот претседател Барак Обама. Повикувајќи ја Европа поактивно да се заангажира за да и помогне на Атина, грчкиот премиер посочи дека кризата во неговата земја би можела да предизвика домино-ефект, по што ќе бидат погодени и другите европски земји, кои се, исто така, многу задолжени.
САД ги поддржуваат мерките
САД ги поддржуваат напорите на Грција за излез од кризата, изјави државната секретарка на САД Хилари Клинтон по разговорите со грчкиот премиер Јоргос Папандреу, кој се наоѓа во посета на САД. - Ги поддржуваме цврстите економски мерки за штедење што ги презема Грција - изјави Хилари Клинтон.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|