|
ГРАЃАНИТЕ ЧЕКААТ ПОДОБРИ ВРЕМИЊА И ПОЕВТИНИ СТАРИ АВТОМОБИЛИ
Затаи регистрирањето возила
Светлана Вукчевиќ
Драстичен пад на бројот на регистрирани возила во јануари и во февруари е забележан во однос на минатата година. Упатените ова го објаснуваат со опаднатиот животен стандард на граѓаните, кои немаат пари за регистрација, како и со очекувањата да поевтинат увезените половни возила. Нивните увозници тврдат дека многу граѓани се распрашуваат за новите цени, надевајќи се старото возило да го заменат за старо, но подобро од нивното. Во меѓувреме, тие се воздржале од регистрацијата на својот стар автомобил. Потврда за ваквиот тренд стигна и од осигурителните компании, кои годинава ја почнаа со пад на продажбата на осигурителни полиси за возила, иако оттаму не сакаат да ги прецизираат бројките. И во станиците за технички преглед на возила информираат дека годинава имаат помалку работа. - Во првите месеци од оваа година бројот на технички прегледи е намален од три до пет проценти во однос на лани - вели Росана Јанков, портпаролка на АМСМ. Јавна тајна е дека последниве години по патиштата во земјава се возат голем број нерегистрирани автомобили, но од МВР велат дека не може да се извади ниту ориентациски податок за тоа колку ги има. Еден минатогодишен извештај на Европската комисија посочува дека 17 проценти од возилата во државата се возат нерегистрирани. Или, ако ги има околу 300.000, без регистрација се околу 50.000. Осигурителните компании, пак, одбивајќи официјално да зборуваат на оваа тема, проценуваат дека се возат двојно повеќе нерегистрирани возила. Колку возачите се недисциплинирани во исполнувањето на обврската за регистрација на возилата укажуваат и најновите податоци за изречените казни од МВР. - Во текот на 2009 година сообраќајната полиција во Скопје поднела 1984 прекршочни пријави за возачи чиишто возила биле со необновена регистрација. Поднесени се и 368 пријави за граѓани што возеле возила кои воопшто не биле регистрирани - вели Лиза Бендевска, портпаролка на СВР Скопје. Глобата за возење автомобил со необновена регистрација до 30 дена е 100 евра, а за необновена регистрација преку 30 дена и за нерегистрирано возило - 500 евра. Со овие казни, кои можат да бидат дури и повисоки од самата регистрација, се поставува прашањето зошто возачите се изложуваат на таков ризик. Упатените велат дека за опаѓањето на бројот на регистрирани возила и за тоа што оваа појава добива на интензитет од почетокот на оваа година може да се лоцираат неколку причини. Едната причина е ниската куповна моќ на граѓаните, која од година во година се повеќе опаѓа и ги тера да си ги скусуваат трошоците. Друга причина е високата цена на регистрацијата заедно со осигурувањето на возилата, што по најавите дека се прават пресметки за нејзино намалување од почетокот на годинава ги тера граѓаните да почекаат во надеж дека ќе платат помалку. За осетниот пад на осигурувањето и техничките прегледи во првите два месеца од годинава, пак, дополнителна причина се бара во тоа што голем број граѓани чекаат да падне акцизата на половните увозни за да се подноват, па во меѓувреме не ги регистрираат тие што ги возат. Просечната цена што се плаќа за да се регистрира возилото без зелен картон е повеќе од 200 евра. За излез од државата е потребен и зелен картон, кој овој трошок го оптоварува со дополнителни 40-160 евра во зависност од рокот за кој важи картонот. Министерството за финансии и Националното биро за осигурување повеќе месеци се во преговори за намалување на цената на зелениот картон, што во зависност од моделот што ќе се прифати, може да ја поскапи регистрацијата. Од Министерството за финансии не кажуваат какви се нивните пресметки. - Министерството за финансии е целосно фокусирано на намалувањето на акцизите и царините за возилата - одговорија од Министерството на прашањето зошто нема нови информации за зелениот картон. Но, актерите во осигурителниот бизнис се категорични дека поевтинување на зелениот картон може да има само ако тој се врзе со основното осигурување, а во тој случај тоа треба да поскапи. Тоа, пак, ќе ја направи поскапа регистрацијата на возила за граѓаните кои немаат намера да возат надвор од државата, а со тоа може и да се зголеми мотивот за избегнување на оваа давачка. Во Македонија зелениот картон чини од 40 евра за три месеци, 60 евра за шест, 90 евра за девет месеци и 160 евра за една година. Во Србија регистрацијата заедно со зелениот картон чини од 36 до 162 евра, во Словенија осигурувањето е 224 евра, а зелениот картон четири евра, во Бугарија вкупните трошоци за регистрација со зелен картон се од 71 до 124 евра, во Црна Гора од 80 до 232 евра, а повисоки цени имаат Албанија - 449 и Хрватска 435 евра.
Царинење чекаат 1.100 половни возила
Намалувањето на акцизата и на царината ќе придонесе за зголемување на увозот и на нови и на стари возила во Македонија, смета Ванчо Каргов, директор на Царинската управа. - Според нашите сознанија, во овој момент низ различни царински складови во Македонија за царинење чекаат околу 1.100 половни возила. Минатата година за цела година се оцаринети околу 2.900 користени возила, а во 2008 околу 2.000. Најголем број половни возила, околу 4.000, се оцаринети во 2007 година - изјави Каргов.
Субвенции за осигурување на земјоделците
Државата ќе покрива 60 проценти од вредноста на полисата за осигурување на земјоделците, соопшти македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Владата реши годинава да ги субвенционира осигурувањето на примарното земјоделско производство од основни ризици и вршењето педолошки и на агрохемиски анализи на почвата со 35 милиони денари. Ќе се кофинансираат трошоците за осигурување на најмногу пет хектари лозови и овошни насади, до два хектари градинарски култури, најмногу еден хектар насад со тутун и до десет хектари житни култури. Производителите ќе може да аплицираат од 24 март до 31 август.
|