|
ЗГОЛЕМЕН ОБЕМОТ НА РАЗМЕНА СО СТРАНСТВО
Челикот го јакне македонскиот извоз
Поголем извоз за 24,3 проценти е остварен во јануари годинава, во однос на јануари минатата година. Увозот, пак, на стоки и услуги е намален за 9,5 проценти. Ова е причината поради која обемот на стоковната размена на Македонија со странство во јануари годинава е за 0,6 проценти поголем во однос на истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во јануари изнесува 187 милиони долари, а на увозот 320 милиони долари. Покриеноста на увозот со извоз е 58,4 проценти, а трговскиот дефицит е 133,011 милиони долари. Најголемо учество во извозот имаат валаните производи од железо и од челик, облеката, фероникелот и преработките од нафта. Според производителите на челик, високиот процент на извоз реализиран во јануари е резултат на благото заживување на пазарот на челик во светот, но тоа кај нив не влева оптимизам дека годинава ќе можат да забележат поголем подем. Првите нарачки не се резултат на заживување на инвестициската активност во пошироки рамки, истакнуваат од металната индустрија. Во јануари, според податоците на Државниот завод за статистика, најголемо учество во структурата на увозот имаат суровата нафта, електричната енергија и моторните возила. Сепак, овие ставки бележат значително помал увоз во однос на минатата година. Од „Електрани на Македонија“ велат дека увозот на електрична енергија во јануари е минимален бидејќи е зголемено домашното производство на енергија. - Увозот на електрична енергија во овој период од годината е минимален бидејќи домашните производни капацитети, поради добрата хидролошка состојба, се ставени во целосна функција - вели Мирче Котевски, портпарол на ЕЛЕМ. Според него, трендот на намалување на увозот на електрична енергија е почнат минатата година кога на нејзиниот крај се увезени само 355 гигават-часови, од планираните 704 гигават-часови. Компанијата заштедила 21 милион евра како резултат на намалениот увоз. Заводот утврдил дека Европската унија и натаму е најголемиот извозен партнер на земјава. Во јануари 68,5 проценти од извезеното е во земјите на Унијата. Во земјите од западен Балкан се извезени 27 проценти од количините. Во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ со 47,2 проценти, а по нив земјите во развој со 33,3 проценти. Македонија најмногу тргува со Германија, Русија, Грција, Италија и со Србија. Со овие пет земји се врши 45,7 проценти од вкупната надворешно-трговска размена.
|