|
ЗГОЛЕМЕНИ ЦЕНИ
Студот го поскапи зеленчукот
Снегот и ниските температури ги зголемија трошоците за загревање на оранжериите и на пластичните фолии во Струмичко што доведе до благ пораст на цените на раниот зеленчук. Во зависност од производот и од класата, раноградинарскиот пакет на почетокот од неделава поскапи за десетина проценти. Тоа се очекува да ја намали потрошувачката на рани краставици, зелка, домати, пиперки и други видови зеленчук. На кванташкиот пазар, големопродажната цена на пиперките изнесува 160 до 170 денари, доматите се продаваат по 110 до 120 денари, краставиците од 100 до 110 денари и зелката по 10 до 12 денари за еден килограм. Цената на лутите пиперчиња е седум до осум денари за парче, а на младиот кромид и лук по 10 денари за китка. Малопродажните цени на градските пазари се повисоки за 15 до 20 проценти. - Во споредба со трошоците за мазут, огревно дрво, електрична енергија и други енергенти што се користат за загревање на оранжериите и на пластениците и кои во формирањето на вредноста на крајниот производ учествуваат дури со 70 проценти, овие цени на раниот зеленчук воопшто не се високи. Напротив, на производителите често не им останува ни 10 проценти заработка бидејќи тука треба да се пресметаат и трошоците за семе, вештачко ѓубре, заштитни препарати и за други репроматеријали за чијашто набавка земјоделците мораат однапред да инвестираат, без оглед на приносот и на ризикот од неуспешна реколта - велат во земјоделското здружение „Екоградинар“. Откупот на ран зеленчук во овој регион се уште е минимален. На два-три пункта се откупуваат незначителни количини рана зелка, краставици, домати и лути пиперчиња по цени пониски за десетина проценти од тие на кванташкиот пазар.
|