|
ЗИМСКИТЕ ЦЕНТРИ ОЧЕКУВААТ НАПЛИВ НА ГОСТИ
Снегот ја продолжи сезоната за скијање
Елена Костовска
Зимските туристички центри најмногу се радуваат на паднатиот снег кој, според нив, ќе им ја продолжи сезоната со скијачи за уште еден месец. Според податоците на Асоцијацијата на хотелиери на Македонија (ХОТАМ) од почетокот на годината исполнетоста на капацитетите на хотелите се намалила за 25-40 проценти во споредба со лани, што е поголем пад од светскиот просек од 14 проценти. - Како скијачки центар сме задоволни од посетеноста во првите два месеца, со оглед на тоа што во јануари немаше доволно снег. Хотелот „Славија“ беше исполнет 75-80 проценти, додека капацитетите на „Попова Шапка“ беа 50-60 проценти полни. Очекуваме новиот снег да ни донесе многу скијачи и други гости, како преку неделата, така и за време на викендот. Има паднато половина метар снег и времето е многу убаво. Од почетокот на неделата ги намаливме и цените за 30-40 проценти, па една ноќ со полн пансион чини 1.500 денари - вели Перо Димитровски, директор на друштвото за угостителство и туризам „Попова Шапка“. Тој додаде дека годинава имале многу повеќе домашни туристи во споредба со претходните, а од странците имало гости од Норвешка, Германија, Франција, Хрватска, Словенија, Србија, Косово и од Албанија. Од ХОТАМ велат дека најголем, и до 40 проценти, бил падот на бројот на хотелските сместувања во Охрид и во Струга, а најмал во зимските центри и во Скопје, каде што намалувањето се движело од пет до 12 проценти. - Голема штета годинава ни направи и Законот за заштита од пушењето зашто српските и косовските семинари се преселија од нашите во хотелите во Албанија и во Бугарија - вели Дончо Танески, претседател на ХОТАМ. Според претседателот на Асоцијацијата на туристички агенции на Македонија (АТАМ), Миле Спироски, голем дел од граѓаните на Македонија годинава ги заобиколиле домашните туристички центри и скијале во странство, најмногу во Бугарија. - Освен во Бугарија, втора година по ред е атрактивен северниот дел на Грција, каде што поради близината одат многу битолчани. Лани имало 190 годишни карти за стазите во северна Грција. Во Србија и во Австрија годинава имаше помалку туристи од земјава. Најмногу одат на скијање во бугарско Банско поради пристојната цена и високиот квалитет кој се нуди. Со парите за еден ден во Маврово, во Бугарија може да поминат двајца - вели Спироски.
|