|
КОИ ИНВЕСТИЦИИ ГИ ОЧЕКУВАМЕ ГОДИНАВА?
„Шише џам“, „Агрокор“ и „Тривју“ подготвуваат терен
До крајот на март турската компанија „Шише џам“ ќе дојде во Македонија за да прецизира кога ќе почне со договорениот проект за изградба на стакларница, тврди Виктор Мизо, директорот на Агенцијата за странски инвестиции. Корејската фирма „Тривју“ во Бунарџик треба да гради фабрика за ЛЦД и за компјутери. Според договорот, темелите треба да ги удри кон крајот на летово, а извесна е и изградбата на откупниот центар на „Агрокор“ за што пред десетина дена компанијата ги уплатила парите за земјиштето во Струмица. Овие проекти беа најавени минатата година. - Менаџер на моќна странска компанија не се фаќа едноставно за рака за да се донесе да вложи во земјава. Треба да поминат месеци за да ги направиш првичните разговори, па уште три за да ти одговорат, па дури потоа доаѓа до потпишување меморандум за соработка, што може да даде реални очекувања за реализација на ветената инвестиција - вели Мизо. Во согласност со договорот, „Шише џам“ треба во првите три години да вложи 45 милиони евра, со можност да ја зголеми целокупната инвестиција. Според најавите, планира да вработи од 250 до 300 работници. Според меморандумот потпишан во март, минатата година, со корејската фирма „Тривју“, оваа компанија треба да почне да гради во втората половина на годинава или најрано во јули. Мизо нагласува дека инвестицијата на „Тривју“ во Македонија е најниска, во споредба со другите најавени странски вложувања, и изнесува девет милиони евра. Тој ова го објаснува со фактот дека најавената фабрика нема потреба од големи вложувања, затоа што во неа ќе се склопуваат готови делови, кои веќе се изработени во Кореја. Поволностите за компанијата ќе бидат големи затоа што царините за нас во Југоисточна Европа се само еден процент, а и државата ќе има огромна полза затоа што телевизорите и компјутерите ќе ги извезува како македонски производи. „Агрокор“, кој требаше да изгради агроберза во Македонија уште во февруари 2008 година, конечно, пред десетина дена во земјава ги уплати првите пари што ќе ги вложи во изградбата на регионалниот центар за откуп на македонските земјоделски производи. Од општина Струмица, каде што ќе се гради фабриката, велат дека кризата била причината што се доцнело со почнувањето на агроберзата во договореното време.
С.Ј.
|