|
ПОРАДИ ПРАЗНИОТ БУЏЕТ И МИНИСТРИТЕ ВО ВЛАДАТА НЕ ЗЕМАЛЕ ПЛАТА
Остваруваме, ама без пари
Рада И. Маневска
Министрите во владата на Никола Груевски, како и министерот за финансии, кој ја раководи државната каса, се уште не зеле плати. Според Министерството за финансии, во ова нема ништо спорно бидејќи законскиот рок за исплата на платите е 15 во месецот. Но, вработените во администрацијата истакнуваат дека сите министерства и државни институции платата не ја земале во исто време, туку скалесто во период од први до дваесетти во месецот. Тие стравуваат дека не е можно сите буџетари да земат плата во еден ист ден и прашуваат кога ќе се исплатат платите на тие што порано ја земале на 20 во месецот, кога без плата се и тие што редовно ги добиваа парите на секој први. Беспарицата што удри по буџетарите, кои се сериозен потрошувач во државава, уште повеќе ќе ја намали побарувачката на стоки и услуги, директно удирајќи по стопанството. Стопанствениците се погодени и од тоа што државата редовно не ги исполнува обврските кон нив, така што има големи долгови за стоките и за услугите што тие и ги испорачале, во некои случи и пред повеќе од една година. Ова, пак, е магичен круг на осиромашување. Фирмите ќе имаат помалку пари, а буџетот помала наплата на даноци. - Како бизнис-заедница очекуваме раздолжувањето да се сведе на нулта точка. И воопшто не гледаме проблем тоа да се оствари бидејќи должниците ги испланирале парите што ги должат во буџетите - вели Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори. Експертите се со став дека Владата продолжува да се однесува недомаќински и покрај отежнатиот прилив на пари од стопанството. Тие велат дека е нормално секоја влада да посегнува по домашниот бруто-производ за да може да ги реализира своите проекти, но правило е при тоа таа да го следи деловниот циклус на стопанството. Кога е тој поволен и во пораст може да зафаќа повеќе од него и обратно, кога стагнира треба да помогне со намалување на притисокот и зафаќањата. - Проблем во нашиот случај е што Владата не се однесува логично. Во услови на криза и неповолен деловен циклус на стопанството, кога не може да обезбеди нормален прилив на пари во буџетот, таа се однесува како ништо да не се случило и воопшто не се откажува од сопствените потрошувачки апетити – вели професорот Христо Карталов. Со ваквото однесување, вели Карталов, Владата покажува дека се однесува недомаќински и троши многу повеќе од тоа што стопанството може да го создаде. - Така, да бидеме реални, не се однесуваат ниту семејствата. Нивните трошоци мора да се сведат, народски речено „колку што им е долга чергата“. Ако не е така, на тоа ќе ги потсетат тие на кои им должат – вели Карталов. Владата, вели тој, е познато дека е најголем работодавец и најголем должник кога се имаат предвид долговите кон приватниот сектор, создава лоша практика на непочитување на законите. Спротивно на тоа, мошне одмазднички се однесува кон компаниите кои не успеваат, поради неликвидноста, да ги намират обврските кон државата. - Ги избира на тендери за да извршат одредена работа и кога ќе треба да им го плати сработеното ги остава со месеци, па и години, без пари за натамошно функционирање. Така се затворија голем број помали, но и големи фирми - објаснува Карталов.
Претседателот Иванов зел плата
Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, веќе зел плата, потврдија од неговиот кабинет. - Претседателот Ѓорге Иванов, членовите на кабинетот на претседателот, советниците и вработените веќе имаат земено плата- изјавија од кабинетот.
|