|
ЖЕЛЕЗНИЧКИ СООБРАЌАЈ
Ќе возат и приватни товарни возови
Либерализацијата на товарниот железничкиот сообраќај во земјава почна пред да се донесе новиот закон со олеснети услови за железнички сообраќај. Новиот железнички оператор „Делта реил карго“, кој ќе почне со работа за еден месец, веќе има склучено договори со фирми за превоз на суровини и на готови производи. Во „Македонски железници – транспорт“ велат дека не се плашат од конкуренција. - Ние се подготвувавме за либерализација на пазарот. Не сме загубиле ниту еден договор со нашите досегашни коминтенти – вели Благоја Крстевски, директор на „МЖ - транспорт“. Според Иван Илиевски, косопственик на „Делта реил карго“ на почетокот ќе биде тешко, но очекуваат инвестицијата долгорочно да им се исплати. - Има многу административни пречки и првите години економската исплатливост ќе биде мала. Интересот го гледаме во либерализацијата на пазарот во Србија. Повеќе се исплатува товарниот сообраќај зашто таму се наплатува во тони, додека превозот на патници е неисплатлив доколку не го субвенционира државата. Кога ќе ги исполниме условите ќе конкурираме и тука – вели Илиевски. Тој информира дека прво превозот ќе го вршат со изнајмени возови, само за потребите на клиентите, за подоцна да воспостават редовни линии со сопствени вагони. Целата инвестиција чини околу 500.000 евра.
Е. К.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|