|
СТАВ НА СОЦИЈАЛНАТА СЛУЖБА
Кулески ќе останат и без другата ќеркичка
Социјалните служби, најверојатно, ќе им го одземат родителското право на Кулески од селото Штавица, на кои пред две недели во несреќен случај им се запали детето. Постарата ќеркичка сакале да ја дадат на згрижувачко семејство. Оцениле дека родителите немаат капацитет и материјални услови за нејзино одгледување. - Не е само материјалната состојба причина за ова, сметаме дека се со намален капацитет и врз основа на тоа имаат и намалена одговорност - изјави Снежана Јованоска, директорката на Центарот за социјална работа во Прилеп. Родителите не го даваат детето, велат за сиромаштија не се одзема дете. Не биле виновни за настанот бидејќи бил несреќа. Кулески живеат во страшна мизерија, без никакви приходи, немаат ниту за јадење. Малата Билјана ќе има службен погреб во Бутел бидејќи немале пари ниту да ја донесат во Прилеп. Марта Кулеска, пак, треба да се породи по неколку месеци, неизвесно е што ќе биде и со тоа дете. - Од Центарот ми рекоа дека ќе ми го одземат детето бидејќи сум немал да го чувам, ако не сакам јас да го дадам, ќе ме даделе на суд. Јас не си го давам детето и реков место вие мене да ми дадете, ми го одземате детето, срамота - вели Гоце Кулески, таткото на починатото дете. Нејасно е дали државата на сите вакви социјални случаи, кои ги има илјадници, ќе им го одзема родителското право и зошто место да им помогне, таа ги остава и без децата.
Д. Ш.
|