|
ГОЛЕМИ ДУПКИ ВО МАКЕДОНСКОТО КРИВИЧНО ЗАКОНОДАВСТВО
За деликвенти под 14 години нема закон
Благојче Петрески
Разбојник и насилник, кој извршил повеќе тешки кражби во Струмица, вака во полициската евиденција и во Центарот за социјални работи е заведено 13-годишното дете од Струмица, кое завчера силуваше две години помало момче на паркинг во трговскиот центар „Глобал“. Од струмичкиот Центар за социјални работи тврдат дека детето е крајно проблематично, но според Законот за малолетничка правда неговото однесување не подлежи на санкции. Единствено што можат институциите да направат законски за деца што се ризични, односно деца под 14 години што извршиле кривично дело, е да применат мерки како помош и заштита. - Овие мерки се применуваат само кога Центарот за социјална работа ќе оцени дека ризичната состојба се одразува врз развојот и врз личноста на детето и на неговото правилно воспитување и може да влијае во иднина да врши кривични дела или прекршоци. Но, ова дете, дури и кога работиме со него во Центарот е агресивно и не сака да соработува - тврди социјалната работничка Калиопи Влахова. Момчето е проблематично, а неговите родители воопшто не биле заинтересирани да го воспитуваат правилно своето дете, вели Влахова. Според неа, родителите неколкупати биле повикани во Центарот, но многу ретко се јавувале на поканите и воопшто не сакале да соработуваат. - Потребни се итни промени во Законот за малолетничка правда бидејќи ваквите проблематични деца, на оваа возраст, не знам што се нема да направат до 16 години, од кога, според постојните закони, можат да се гонат кривично. Се дотогаш ова дете повторно ќе извршува разбојништва и ќе тепа луѓе, а законот ќе го штити - вели Влахова. Според невропсихијатарот Витомор Мицев, казните и санкциите не се мерка со која кај едно дете ќе се исправат дефектите во формирањето на личноста. - Дефектот што се ствара во тој развиток кај децата треба да се отстрани со воспитни мерки преку стручни тимови од психолози и од педагози, со постојан надзор. Но, најдобро е воведување континуирано сексуално образование, со што внимателно ќе им се презентира на децата како да излезат на крај со сексуалниот нагон и како да го надминат периодот на сексуалната криза - тврди Мицев. Законот за малолетничка правда не дозволува сместување на ризичните децата, односно на помалите од 14 години, во воспитна установа без дозвола на родителите, но Влахова тврди дека родителите биле крајно незаинтересирани и го поддржувале во криминалните дела. - Само со отстранување од оваа проблематична средина би можело да се надеваме дека ќе се влијае позитивно врз детето, со сместување во установа или, пак, во друго семејство. Друг начин за решавање, се додека тоа не наврши 16 години, не постои - вели Влахова. Останува судот и обвинителството да пресечат дали ќе го одземат родителското право и детето ќе биде сместено во домот „Ранка Милановиќ“ или ќе остане на улица извршувајќи други кривични дела.
|