|
Двојно голо
Тони Ангеловски
Стечајците, кои еднаш веќе ја почувствуваа „великодушноста“ на политичарите, деновиве се повторно жртва на нивните манипулации. Со тоа што, откако еднаш им ги раскрчмија фирмите и ги оставија на улица, сега ги употребуваат како монета за поткусурување во нивните меѓупартиски пресметки. Па, така, наместо да се бараат реални решенија за крајно лошата состојба на овие луѓе, централно прашање стана која партија и кој лидер се повиновни за ситуацијата во која се сега овие сиромашни луѓе. Најнапред, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, почувствува плодно тло меѓу стечајците кои подолг период штрајкуваат во просториите на синдикатот во Куманово и јавно извинувајќи се за грешките кон нив, застана зад нивните барања. Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш обвинија дека токму тој стои зад протестите на стечајците кои се случуваат во последните неколку вторници и дека Црвенковски ја користи маката на стечајците во својата офанзива против власта. Од друга страна, владејачката партија не заборави, па преку платени огласи во медиумите, реши да потсети кој е, всушност, вистинскиот виновник за судбината на стечајците - односно покајникот Црвенковски. Веднаш потоа следеа и спонтаните протести на „Жртвите на транзицијата“ пред седиштето на партијата на „виновникот“. Во меѓувреме и други опозициски партии се обидоа да уловат некој поен ветувајќи им на стечајците сигурни решенија. Стечајците и нивните маки се претворија во вистински рудник за ископување политички поени. Да ги немаше стечајците, некој (политичарите) ќе требаше да ги измислат. А веројатно така и ги измислија. Се разбира, факт е дека и двете партии кои владееја во овие дваесетина години со државата се виновни за судбината на стечајците. Но, и покрај тоа, тие без срам и перде повторно си играат со нив, овој пат вртејќи ги едни против други. А, всушност, ниту една од овие партии, освен вербалната поддршка, не нуди вистинско решение за нивниот проблем. Груевски веќе кажа дека нема намера да им го решава статусот, а кој знае колку ќе се сеќаваат на своите ветувања и опозиционерите Црвенковски или Бошкоски, по нивното евентуално доаѓање на власт. А стечајците, тие и по крајот на транзицијата и по крајот на преродбата, пак ќе можат да констатираат дека се измамени. По кој знае кој пат. Најмалку што можат тие луѓе да сторат во ваква ситуација е да се држат настрана од политичарите и нивните дневни потреби, и да му зададат удар на противникот. Или, ако се организираат, да се организираат на свој начин и јасно и гласно да кажат - виновни ни се сите гарнитури и дека бараат решенија. Нека погледнат како тоа изгледа во соседна Грција. Таму никој не стигнува да праша кој е од која партија зашто од тепање со полицијата просто немаат време за многу муабети.
|