|
„ФОРБС“ СО НОВА ЛИСТА НА БОГАТАШИ
Мексиканецот Слим побогат од Гејтс
Мексиканскиот бизнисмен Карлос Слим (70) е најбогат човек на светот пред основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, и инвеститорот Ворен Бафет, покажува најновата листа на американскиот магазин „Форбс“. Ова е првпат од 1994 година Американец да не е на првото место на оваа листа. На годинешната листа на најбогати луѓе во светот, на првите десет места се Слим (53,5 милијарди долари), Гејтс (53 милијарди долари), Бафет (47 милијарди), Индијците Мукеш Амбами и Лакшми Митал (29, односно 27,5 милијарди), Еике Батиста од Бразил (27 милијарди), Амансио Ортега од Шпанија (25 милијарди долари) и Германецот Карл Албрехт со богатство од 23 милијарди долари. Минатата година Слим заработил повеќе од 18 милијарди долари благодарејќи на фактот дека поседува околу 200 компании и контролира 90 проценти од целата фиксна телефонија во Мексико. Разликата меѓу Гејтс и Слим е за околу 500 милиони долари, но американскиот печат пишува дека на Гејтс не му е битна титулата за најбогат човек на светот бидејќи даде десет милијарди долари во добротворни цели. Од друга страна, портпаролот на мексиканскиот тајкун одби да ги потврди процените на магазинот и рече дека тие не губат време на такви пресметки, но, сепак, ги поздрави наводите велејќи дека им е мило што Слим го сметаат за најдобар бизнисмен на светот. Најмладиот милијардер на листата е основачот на „Фејсбук“, Марк Чукерберг (четири милијарди долари), а најстар е Швајцарецот Волтер Хефнер, кој има 99 години и 3,3 милијарди долари. Годинава најголем пробив има Бразилецот Ејке Батиста. Батиста е седми со богатство од 27 милијарди долари благодарејќи на неговите проекти во рударската индустрија. По објавувањето на листата, Стив Форбс, главниот уредник на магазинот, истакна дека листата покажува оти економијата полека се стабилизира. - Економијата се стабилизира и тоа се гледа по статистиката - бројот на милијардери во 2010 година е 1.011 во споредба со 793, колку што имало во 2009 година. Вкупното богатство на милијардерите оваа година порасна на 3.600 милијарди долари, додека лани беше 2.400 милијарди - изјави Форбс.
|