|
СО КАУЦИЈА ОД 330.000 ЕВРА
Ганиќ пуштен на слобода
Судот во Лондон вчера одлучи со кауција да го пушти на слобода поранешниот член на претседателството на Босна и Херцеговина, Ејуп Ганиќ, јави „Би-Би-Си“. Ганиќ беше уапсен на први март на аеродромот „Хитроу“ во Лондон по барањето на Србија, која го сомничи за воени злосторства врз српски војници во Сараево во 1993 година. Тој ќе мора да остане во Британија до конечната одлука на британскиот суд за барањето на Србија тој да биде испорачан во Белград. Одлуката на судот треба да биде донесена до крајот на март. Судот одлучи да го пушти Ганиќ откако ги сослуша аргументите на неговите адвокати кои приложија и кауција од 330.000 евра. Во меѓувреме, во Лондон пристигна и документацијата од Србија на чијшто основа Ганиќ беше уапсен. Трибуналот во Хаг, кој го има испитувано инцидентот во улицата „Добровољачка“ од 1993 година, за кој во Србија тврдат дека е одговорен Ганиќ уште во 2003 година, заклучи дека нема никакви докази за негова вина, па затоа тој и никогаш не се најде на ниту една листа за обвинети или осомничени за војната во БиХ. Инцидентот во Сараево, за кој од Белград е распишана новата потерница, се случи веднаш по прогласувањето на независноста на БиХ кога беше извршен напад врз конвој со војници на поранешна ЈНА, во кои десетици луѓе беа убиени. Британскиот експерт за Балканот Тим Џуда изјави дека покренувањето на потерницата на српските власти за Ганиќ, за првпат по речиси 17 години од случајот, претставува целосно необјаснив потег на официјален Белград. Според Џуда, апсењето ќе предизвика нова тензија во регионот, ќе ги наруши односите меѓу двете соседни земји, во време кога изгледаше дека тие, конечно, се подобрени.
|