|
АМЕРИКАНСКИОТ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ БАЈДЕН НА БЛИСКИОТ ИСТОК
Мировниот процес не смее да запре
Не смее да дојде до застој во мировните преговори на Блискиот Исток и покрај најновиот спор во врска со израелските планови за изградба на нови домови за Евреи во источен Ерусалим, повика вчера американскиот претседател Џо Бајден од Израел, каде што се наоѓа на неколкудневна посета. Американскиот потпретседател истакна дека одлуката на израелската влада да дозволи изградба на уште 1.600 домови во населбата Рамат Шломо во Источен Ерусалим, кој Палестинците го сметаат за своја неформална престолнина, ја поткопала довербата потребна за продуктивни преговори и гарантира неодложна и недвосмислена осуда од страна на меѓународната заедница. Сепак, Бајден ја пофали реакцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој вчера изјави дека почнува процес со кој ќе се спречи иницијативата, разјаснувајќи при тоа дека процесот за почнување на изградбата, најверојатно, ќе трае неколку години. Бајден во текот на посетата на Израел неколку пати истакна дека „САД немаат подобар пријател во меѓународната заедница од Израел“ и дека односите меѓу двете земји се отпорни на какви и да било промени во нивните земји и моменталната политика на владејачките партии. - Но, понекогаш само пријателот може да ја соопшти болната вистина - истакна Бајден во говорот на универзитетот во Тел Авив. Палестинските власти претходно оценија дека разговорите „ќе бидат многу тешки“ ако не се повлечат иницијативите за изградба на нови домови за Евреите. Двете страни, сепак, се согласија да почнат индиректни, таканаречени „преговори за приближување“, со кои треба да се обнови мировниот процес, заглавен повеќе од една година.
|