|
КИНА ПОЧНУВА СО НАЈАМБИЦИОЗНИОТ ЖЕЛЕЗНИЧКИ ПРОЕКТ ВО ИСТОРИЈАТА НА СВЕТОТ
Од Лондон до Пекинг за два дена
Кина почна преговори за реализација на најамбициозниот нејзин проект досега, железничка линија која би го поврзувала Пекинг со Лондон во должина од преку 8.000 километри и со просечна брзина на возовите од преку 300 километри на час. Ако преговорите успеат и проектот се заврши во планираниот рок од десет години, патниците и стоката на линијата која би водела од Лондон до Пекинг, а потоа и до Сингапур (кој е оддалечен преку 10.000 километри од Лондон), би минувале речиси половина планета за само два дена. Маршрутата на новото железничко поврзување дополнително треба да се прецизира, но се знае дека би имала три краци. Главниот преку Индија би продолжувал кон Европа, вториот преку Москва и Санкт Петербург би се поврзал со Германија, а оттаму со европската железничка мрежа, додека третиот крак би ги поврзал Виетнам, Тајланд, Бурма и Малезија. Од првиот крак, исто така, би се одвојувала и линија кон Пакистан од едната и кон Сингапур, од другата страна. Патниците и стоката би можеле да се натоварат, на пример, во Лондон и растојанието до Пекинг од 8.000 километри да го поминат за два дена, а до Сингапур за три. - Целиме кон воведување возови кои одат со иста брзина како и авионите. Во најдобар случај, целиот проект би бил завршен за десет години - вели Ванг Менгшу, член на кинеската Академија за инженерство и виш советник при кинескиот проект за домашни брзи железници. Тој додава дека Кина веќе преговара со 17 држави во врска со овој проект, со кои треба да се здружат и целосно да се отворат сите земји од централна, источна и од југоисточна Азија. Според Ванг, Кина не е иницијатор на проектот, туку нејзе и пристапиле други азиски земји, пред се Индија, кои не можат сами да го реализираат и кои се надеваат на големите кинески ресурси и искуство со брзите железници. Исто така, во преговорите со другите азиски држави, Кина не инсистира на готовина, туку извршените работи земјите би ги плаќале со природни богатства, како што е примерот со Бурма, која има огромни резерви на литиум, метал кој наголемо се користи при изработка на батерии. Ванг вели дека овој проект, исто така, ќе и овозможи на Кина многу поефикасно да ги превезува потребните суровини. Проектот веќе почнал во кинеската провинција Јунан, а властите на Бурма ги завршуваат последните подготовки за да почнат со изградба на својот дел од мрежата. Во моментов, единствената железничка врска меѓу Кина и југоисточна Азија е застарената пруга, која Французите ја изградиле во Виетнам пред сто години. Азиската банка за развој неодамна одобри дополнителни 40 милиони евра за довршување на железничката линија во Камбоџа, проект вреден околу 140 милиони евра и кој треба да биде готов до 2013 година. Цената на поврзувањето на Камбоџа со Сингапур, а оттаму со Виетнам и со Кина би изнесувала околу 600 милиони евра. - Ние, исто така, веќе ги завршивме истражувањата во врска со европската мрежа и земјите од источна и од централна Европа со нетрпение очекуваат да го почнеме проектот. Последна ќе се гради северната траса кон Москва, иако Кина и Русија веќе имаат склучено договор за брза железница преку Сибир, каде што живеат околу еден милион Кинези - вели Ванг. Една од најголемите пречки за изградба на овој проект е желбата на Кинезите возот да оди по пруга со иста димензија како домашните во Кина. Виетнам веќе се согласил да ги промени стандардите на своите пруги, но другите држави се уште се премислуваат. Според Вонг, проблемот, како и секогаш, е во парите. - За изградба на овој проект ние ќе користиме државни пари и банкарски заеми, но железниците, исто така, можат да обезбедат средства и од приватниот сектор, како и од земјите-домаќини. Изградбата на железницата ќе придонесе да паднат и последните визни бариери меѓу земјите од Азија, со што драстично ќе се олесни протекот на патници и стока во овој регион и пошироко.
Најбрзиот воз на светот
Кина е веќе длабоко навлезена во реализацијата на проектот за проширување на домашниот железнички сообраќај, вреден повеќе од 700 милијарди евра. Цел на овој проект е изградба на речиси 30.000 километри нови пруги во рок од пет години, со што сите поголеми кинески градови би биле поврзани со брза железница. Најбрзиот воз на светот, „Хармони експрес“, со крајна брзина од 400 километри на час, беше пуштен во употреба во Кина кон крајот на минатата година и ги поврзува градовите Вухан и Гуангжу. Целосно изработен во Кина, но со технологија на германски „Сименс“ и јапонски „Кавасаки“, „Хармони експрес“ поминува преку една илјада километри за само три часа!
|