|
ИНДИСКИОТ ДРЖАВЕН ВРВ ГО ДОЧЕКА РУСКИОТ ПРЕМИЕР ВЛАДИМИР ПУТИН
Посета вредна 10 милијарди долари
Рускиот премиер Владимир Путин вчера пристигна во дводневна посета на Индија, при што разговорите со неговиот индиски колега Манмохан Синг, како што се очекува, ќе бидат фокусирани на развојот на постојните и склучувањето нови договори во областа на вооружувањето, телекомуникациите и енергетиката. Двете страни би требало да потпишат 14 или 15 договори во вредност од околу 10 милијарди долари, а, исто така, ќе се обидат и да ја поттикнат и меѓусебната трговија, која во моментов вреди околу осум милијарди долари. Русија и Индија имаат традиционално добри односи уште од времето на Советскиот Сојуз, а Индија е најголемиот купувач на руско оружје. Сепак, односите меѓу двете земји се соочуваат со нови предизвици, како што е се посилната конкуренција од Западот и растечката воена моќ на Кина. Исто така, бројот на земји што се обидуваат да влезат на индискиот пазар во истите области нагло се зголеми откако Индија во 2005 година со САД го потпишаа рамковниот нуклеарен договор, со што заврши нуклеарната изолација на Индија која траеше од нејзината прва проба на атомска бомба во 1974 година. Русија и Индија во моментов имаат програма за соработка, која треба да трае до крајот на годинава и која се состои од околу 200 заеднички проекти, вклучувајќи ја и надградбата на индискиот носач на авиони „ИНС викрамадитја“, вреден 2,35 милијарди долари и кој треба да заврши неделава. Покрај надградбата на „викрамадитја“, која ја изведува рускиот извозник на оружје во сопственост на државата „Рособоронекспорт“, се очекува рускиот премиер да склучи и договор вреден 1,2 милијарда долари за достава на неколку руски авиони ловци, специјализирани за носачи на авиони, од типот „МиГ-29к/КУБ“. Двајцата премиери ќе дискутираат и за напредокот при реализацијата на идејата новите руски тенкови „Т-90“ да бидат изработувани во Индија. Меѓу другите договори кои се очекува да бидат склучени при посетата на Путин се заокружувањето на нуклеарниот реактор во Кундакулам во Индија, кој е веќе оперативен, како и рускиот влез во изградбата на новата нуклеарна централа во Харипур, во западен Бенгал. Русија се очекува при посетата да договори и зголемен извоз на руско гориво за индиските нуклеарни реактори, како и зголемена соработка при производството на софистицирана телекомуникациска опрема.
Русија балансира меѓу Пекинг и Делхи
Подемот на Индија и на Кина на подолг рок значително ќе го намали руското влијание во тој регион, сметаат повеќе светски експерти за Русија и за Азија. Руските односи со Кина веќе покажуваат јасни знаци на асиметрија, при што Пекинг активно се поставува како противтежа на Русија во постсоветскиот свет. Истовремено, Индија веќе не се смета за „помал“ партнер и успеа во последниве неколку години целосно да го измени својот статус при односите со Москва. - Руските односи со Кина се поинтензивни поради заедничката граница и заедничкиот интерес за централноазискиот регион, но Москва на секој начин се труди да одржи избалансирани односи и со двете најголеми сили во овој регион и да ги отстрани сите сомневања на Индија дека ќе биде оставена настрана при крупните геополитички одлуки во иднина – смета Александер Рар, експерт од германскиот Совет за надворешни работи од Берлин.
|