|
ЧАВЕЗ ЗА ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА
Господ ќе ја спаси Венецуела
Венецуелскиот претседател Уго Чавез изјави дека Господ и природата ќе ја спасат Венецуела од енергетската криза, која ја уништува економијата на земјата и неговата популарност, пренесува МИА. - Злобниците се надеваат дека нема да врне. Но, ќе врне, ќе видите, затоа што Господ не е злобен. Природата е со нас - изјави Чавез. Венецуела, која е земја извозничка на нафта, од крајот на минатата година воведе рестрикции во дистрибуцијата на електрична енергија. Кризата се должни, пред се, на сушата, која го намали нивото на водата во резервоарите во хидроелектричните централи, кои обезбедуваат повеќе од две третини од потребите за струја. Енергетската криза доведе до пад на венецуелската економија што влијае и врз популарноста на Чавез. Следната сезона на дождови во Венецуела почнува во мај, иако, според метеоролозите, таа може да задоцни поради климатскиот феномен Ел Нињо.
|