|
ЛЕТОВО РЕКОРДЕН БРОЈ ТУРИСТИ
Скопје се поатрактивен град за странците
Најатрактивни и најпосетувани дестинации за странските туристи се кањонот Матка, неодамна и делумно реконструиран, Старата скопска чаршија, со духот на минатото, околните цркви и манастири и скопското Кале. Статистичките податоци говорат дека дури 70 проценти од вкупниот број туристи се луѓе што доаѓаат да го видат Скопје. Туристичките организации забележуваат дека бројот на странски, но и на домашни туристи, кои за време на својот годишен одмор се одлучуваат да го посетат главниот град, од година в година постојано се зголемува. Богатата историја и културното наследство, збогатени со голем број знаменитости, се главната причина поради која странците се почесто се одмораат и релаксираат во Скопје и неговата најблиска околина. - Најголемиот број туристи доаѓаат во летниот период заради одмор, но и заради бизнис-зделки. Но, најголем проблем е што се уште не успеваме да ги задржиме на подолг престој, пред да заминат на некое друго место во Македонија или да ја напуштат земјава &“8211; велат од Град Скопје. За да се реши проблемот со неколкудневното задржување на туристите и посетителите во главниот град, пред нешто повеќе од два месеци се формира и Туристичко биро на градот. Оттаму велат дека се обидуваат да почнат да соработуваат со поголем број странски туристички агенции, кои со помош на професионални водичи ќе им ги презентираат убавините и знаменитостите на главниот град. - Засега работиме доста организирано, па и покрај тоа што имаме многу малку вработени, веќе издадовме голем број брошури, флаери и книги, со кои многу полесно ги запознаваме туристите со знаменитостите во градот. Најпосетена дестинација од посетителите во последно време е кањонот Матка, кој ги привлекува туристите со природата и со водата, а најголема атракција на тој простор се прекрасните пештери со кои изобилува &“8211; изјави Димче Смилевски, раководител на Одделот за туризам. Туристичкото биро го најави следниот проект, целосна реконструкција на Планинарскиот дом, со што на посетителите ќе им се овозможи можност за одмор при посетата на езерото. Покрај тоа, ќе се набават неколку чамци, што ќе може да се изнајмуваат, за туристите одблиску да ја видат убавината под водната површина на езерото. Со заеднички проект на Град Скопје, Туристичкото биро и на Општина Сарај, следното лето ќе се асфалтира патот и до стариот римски Аквадукт, со што уште една знаменитост во главниот град ќе стане достапна за туристите. - Градот во проектите за презентација на културните и на туристичките содржини веќе го афирмира аквадуктот. Во последната туристичка публикација „Скопје, престолнина на седум порти“, тој е меѓу најважните споменици, а ќе биде поставен и на новиот туристички веб-сајт на градот и во другите пропагандни материјали за Скопје. Со пробивањето на булеварот Словенечка, градот реализира значаен инфраструктурен зафат, со чија помош ширум се отвора просторот за културна афирмација на аквадуктот, кој е историски артефакт со ретка вредност на балканските простори &“8211; објаснуваат од Град Скопје.
|