(1).jpg)
Владимир Николоски
Како македонски од Поранешната Југословенска Република Македонија или „Мацедониан (Former Yugoslav Republic of Macedonia)“ е именуван нашиот јазик во „Windows Vista“, најновата верзија на оперативниот систем на „Мајкрософт“. Со полуфиромизацијата на македонскиот јазик, во „Мајкрософт“ само делумно ја исправија неправдата од оперативниот систем „Виндоус ХП“, каде што нашиот јазик беше наречен „ПЈР македонски“ (FYRO Macedonian).
На искривувањето на името на нашиот јазик во постарата верзија на „Виндоус“ реагираа повеќе корисници што сметаат дека „Мајкрософт“ безобѕирно и без никаква консултација го прекрстил нашиот јазик. Домашните компјутерџии реагираат и на тоа што многу во фонтовите на постарите верзии на „Виндоус“ се јавуваат бугарски наместо македонски букви. Тие велат дека револтира ако се знае дека минатата влада склучи стратегиски договор со „Мајкрософт“ за кој американската компанија од буџетот доби безмалку четири милиони евра. Кога во декември 2003 година Владата и претставниците на „Мајкрософт“ го потпишаа стратегискиот договор, Горан Радман, генерален менаџер на „Мајкрософт Адриатикс“, задолжен за земјите од бившите југословенски простори, рече дека „Мајкрософт“ на глобално ниво ќе ја исправи долгогодишната „грешка“ во однос на идентитетот на Македонија, како што е на пример претставувањето на македонскиот јазик како „ПЈР македонски“, и сличните пропусти во неговите изданија. Потписник на овој договор е Радмила Шеќеринска, поранешен вицепремиер во Владата, а сега лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Јани Макрадули, пратеник од СДСМ и еден од носителите на соработката меѓу Владата и „Мајкрософт“, вели дека во договорот потпишан меѓу двете страни нашата земја е наведена под уставното име. Тој додава дека „Мајкрософт“ е американска компанија и дека ја следи надворешната политика на САД. Макрадули информира дека Владата уште пред извесно време, кога на пазарот се појавиле „Виндоус ХП“ и „Енкартата“ каде што нашата земја и јазик без под ознаката ПЈРМ, реагирала до „Мајкрософт“.
- „Виста“ се уште не сум ја видел, меѓутоа ние реагиравме на фиромизацијата уште кога се појавија Енкартата и „ХП“. Грешката треба да е поправена - вели Макрадули.
Нејасно е зошто „Мајкрософт“ и во најновата верзија на „Виндоус Виста“ како додавка на македонскиот јазик ја користат кратенката ПЈРМ кога уште пред извесно време Соединетите Американски Држави не признаа под уставното име. „Време“ се обиде за овој проблем да разговара со Илијанчо Гаговски, директор на претставништвото на „Мајкрософт“ во земјава, меѓутоа поради службено патување тој не бил во можност да одговори.
В.Н.