|
Бумеранг-ефект од руските санкции

Мелис Кицинг
Понекогаш некоја мерка замислена како стап, се претвора во бумеранг. Фрлачот може да ја сфати разликата кога веќе ќе биде доцна.
Скриените економски санкции од Русија врз Естонија, како казна за преместувањето на споменикот на Црвената армија од Втората светска војна во Талин, се еден таков случај. Овој невиден бумеранг-ефект на руската „стап-дипломатија“ не само што доведе до заладување на односите на Русија со Европската Унија туку се тресна како самопредизвикан камшик врз грбот на напаѓачот.
На прв поглед успесите на руската стап-дипломатија изгледаат големи. Според првичните пресметки, загубите на естонските фирми откако Русија воведе трговско ембарго достигнуваат десетици милиони американски долари. Како и да е, овие фирми знаат дека работат на пазар со голем ризик и го имаат пресметано соодносот ризик-награда. Да работиш во Русија под претпоставката дека политиката не се меша во бизнисот е едноставно наивно. Дури и ако некои бизнисмени, кои веруваат во бајки, претрпеа загуби, тоа не значеше и загуба за естонската економија. Шефот на делегацијата на Меѓународниот монетарен фонд Франек Розвадовски изјави дека руските санкции може да имаат и позитивен ефект на Естонија - да ја разладат вжештената естонска економија. Естонскиот бруто-домашен производ порасна за 11 проценти минатата година.
Особено ако се земат предвид долгорочните ефекти на санкциите, тие може да доведат до „креативно уништување“ по примерот на Шумпетер, кое ќе ги охрабри естонските фирми да бараат нови можности за влегување на нови пазари, подалеку од Русија. Ова го докажува и блиското минато. Руските санкции од 1990 година беа инструмент за преориентирање на естонската економија кон Запад. Колапсот на рускиот пазар, следен со едностраната политика на отворена економија во Естонија, играше главна улога за издигнување на нашата мала нација, како Феникс од советскиот пепел.
Бумеранг-ефектот е уште понеизбежен ако се знае дека за Естонија е предвидена странска помош. Академските истражувања ја покажуваат парадоксалната природа на економските санкции. Од една страна, економските санкции се пошироко се распространети. Од друга страна, спроведувањето на санкциите не ги постигнува посакуваните надворешнополитички цели. Испитувањата покажуваат дека санкциите се најефикасни во економијата и во другите делови на „ниската политика“. Тие носат слаби ефекти доколку со нив се прават обиди за постигнување цели во „високата политика“, бидејќи трошоците на вмешаните страни се зголемуваат. Симболичната важност на бронзениот споменик на паднатиот црвеноармејски борец го објаснува тоа. Меркантилистичките сфаќања во руската надворешна политика доведоа до претерано користење на економските односи за постигнување високи политички цели.
Ваквата надворешна политика има негативен ефект, освен ако нивна примарна цел е за кратко време да ги направи среќни домашните љубители на стап-дипломатија. Но, самоисполнувачкото пророштво на санкциите е со краток век и нема да им носи постојана среќа на руските националистички групи. Примитивниот меркантилизам прави добрите луѓе да бидат казнети, додека лошите луѓе се наградуваат. Санкциите ги наградуваат естонските политичари што решиле да го тргнат споменикот. Но, најмногу се казнети проруските политичари во Естонија. Премиерот Андрус Асип во моментов е најпопуларен. Доколку изборите се одржат денес, неговата Реформистичка партија ќе освои мнозинство. Ова ќе биде необично за естонскиот политички терен, каде што гласачкиот систем значи дека е безмалку невозможно една партија да го освои мнозинството. Во исто време, потезите и изјавите на Едгар Сависар, градоначалникот на Талин, кој отскокнуваше од владината политика кон споменикот, доведоа до протести и собирање на близу 100.000 потписи за негова оставка.
Слично, повратниот ефект на казната е нееднаков меѓу фирмите и лоби-групите. „Губитници“ се групите што имаат најтесни врски со Русија. Со други зборови, санкциите ги ослабуваат групите што имаат добри економски и политички врски со Русија. Овие групи се бранители на руската политика во Естонија. Очигледно, трговската размена има многу позитивни страни, како размена на идеи и директен контакт меѓу луѓето. За да се научат овие лекции не мора да бараме од апартчиците создадени во времето на КГБ да научат нови лекции. Доволно е да се сетат на основната политичко-економска логика од времето на трговската политика од времето на Борис Јелцин, кој воведе двојна тарифа на стоката од Естонија.
Природен инстинкт на творците на руската надворешна политика е да мислат дека се што личи на стап навистина е стап. Но, некои моркови всушност личат на стапови. Тие се подобри кога се употребуваат за јадење отколку за тепање. Некои искривени гранчиња може да бидат бумеранг. Не е препорачливо да се фрлаат доколку разликата не е увидена пред да се фрлат.
Авторот е основач и член на бордот на естонскиот институт за слободно општество
|