|
ПОРАНЕШНИ ВРАБОТЕНИ ВО КУМАНОВСКАТА ФАБРИКА ТВРДАТ
Не можевме да се бориме со моќниците за акциите на ФЗЦ
Мери Јордановска
Сегашното раководство на фабриката за цевки „11 Октомври“ во Куманово е тесно поврзано со германската „Купбал“, која се јавува како сопственик на 47 отсто од акциите на вредната фабрика, тврдат поранешни вработени во ФЗЦ. Токму ова е причината што поранешниот министер за правда Туше Гошев игра двојна улога - адвокат на „Купбал“ и на ФЗЦ, а е член и на неизвршниот одбор на директори на фабриката. Единствената цел е раководството на фабриката да го добие контролниот пакет акции, преку судскиот процес што трае четири години. Со тоа, како што тврдат поранешните вработени, битката се води на два фронта - меѓу Народната банка на Македонија, која со продажбата на тие акции целосно ќе ги наплати побарувањата на Експорт импорт банката во стечај, и меѓу спорната фирма „Купбал“, која ги заложила акциите на ФЗЦ во банката. Фирмата „Купбал“ воопшто не е заведена во Централниот регистар на Македонија. Компанијата ги заложила купените акции во Експорт импорт наводно за да ги преземе побарувањата на банката од 30 мали фирми што планирала да ги купи. Акциите биле заложени, но фирмите никогаш не биле добиени, по што „Купбал“ преку тужба ги бара акциите назад. Во 2003 година помалите акционери формирале одбор за спас на спорните 47 отсто акции од фабриката за цевки. Но, како што велат, не можеле да се борат со моќните структури што не се откажувале од вредниот капитал. - Одржуваа акционерски собранија на кои ние не бевме повикувани. Пет години одевме по судови за да докажеме дека одборот на директори е неправилно избран, но паднавме на суд затоа што наводно тужбата била ненавремена - велат поранешните вработени, од кои голем дел веќе ги продал акциите во „11 Октомври“. Тројцата клучни луѓе во ФЗЦ во моментот се Слободан Богдановски Кана (генерален директор, човек на СДСМ), Јордан Спасовски (директор на дирекција за правни работи во ФЗЦ) и Чедомир Петрушевиќ (финансиски директор), кои се јавуваат и како членови на одбор на директори. Според податоците на Централниот регистар, членови на неизвршниот одбор на директори се Туше Гошев, Драган Иванковиќ и Владимир Исаиловски, чии адреси се заведени во Германија, потоа Благој Петрушевски, Никола Палигора и Стерули Бураку. Кога пред неколку дена се обидовме да влеземе во ФЗЦ, со закани и пцости од чуварите и од обезбедувањето бевме избркани од фабриката. Освен на новинарите, пристап во фабриката не им е дозволен ниту на поранешните вработени.
Зошто се толку важни акциите на ФЗЦ? Познати српски и македонски бизнис-имиња се заинтересирани за тргување со акциите бидејќи цевките и профилите што ги произведува ФЗЦ имаат широка употреба, за гасоводи и разни цевководи во градежната индустрија. Гасоводот во Куманово и цевководот на хидросистемот „Злетовица“ се само дел од работите каде што е ангажирана ФЗЦ. Ако државата одлучи да ги наплати побарувањата од Експорт-импорт, ФЗЦ најверојатно ќе се понуди на продажба. Оттука произлегува и жестоката битка за управувачкиот пакет акции во фабриката, а и причина за тоа зошто раководството речиси и ја зацементира фабриката од интересот на јавноста. Во играта за купување на акциите се споменува и Хрватската поштенска банка, а интерес покажал и српскиот бизнисмен Горан Томиќ, поранешен директор на „Ладна валалница“ и „Полуконти“. ФЗЦ е една од најстарите фабрики во Македонија, која постои речиси половина век.
|