|
В ПЕТОК НОВИ РАЗГОВОРИ МЕЃУ ГРУЕВСКИ И ПАПАНДРЕУ
Директни преговори превентива на вето
Игор Чавевски
Премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу в петок, на грчката страна од Преспа, ќе одржат втора директна средба на која ќе се обидат да најдат модел според кој би се избегнало грчкото вето за Македонија на декемвриската средба на Советот на министри на Европската унија. Иако на оваа средба гледаат со оптимизам и со големи очекувања, дипломатски извори за „Време“ тврдат дека од неа тешко може да се очекува некој голем напредок во наоѓање решение за името, така што ветото на седми декември станува се поизвесно. Средбата на двајцата премиери е предвидена во рамките на регионалната соработка за климатските промени, а на неа ќе присуствува и албанскиот премиер Сали Бериша. Македонската страна бара од грчката страна по оваа трилатерална средба, Груевски и Папандреу да остварат и уште една тет-а-тет средба без Бериша, на која целосно би се отвориле картите. Тоа што македонската страна сака да знае е дали тврдите и максималистички ставови изнесени од преговарачот Адамантиос Василакис на последната средба во Њујорк се, навистина, позициите зад кои стои владата на Папандареу или, пак, е тоа само преговарачки маневар. Во исто време, можно е Македонија да му понуди на грчкиот премиер да направи некаков гест со кој би се одоброволила Грција да не го употребува ветото. Како што е познато, средбата на двајцата премиери е резултат на силното лобирање на европските дипломати, кои до седми декември, за кога е закажана средбата на Советот на министри на Европската унија, сакаат да видат значаен напредок во преговорите за името за да можат на Македонија да и одредат датум за преговори. Доколку евентуално се постигне некое соломонско решение за да се избегне ветото, Груевски за тоа треба да го извести претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, со кого има закажано средба на втори декември во Брисел. Со ваквиот развој на настаните, односно со се почестите средби на премиерите, очигледно е дека и двете страни прифаќаат решението за името да се бара во директни преговори. Висок македонски функционер за „Време“ тврди дека прифаќањето директни преговори со Грција не значи дека од игра се исфрлаат Обединетите нации и посредникот Метју Нимиц. Неговите средби со двајцата преговарачи ќе продолжат, со тоа што напредокот постигнат на средбите на премиерите би бил вграден во идните предлози во преговорите во ООН. Директните преговори на кои повика Европската унија се најдобриот начин за кратко време да се дојде до начелен договор за прашањето за името, сметаат експертите. Тие нагласуваат дека ЕУ сака што поскоро да се решат сите билатерални спорови што ги имаат земјите што се членки и кандидатите за прием и затоа зема се поголема улога во нивното решавање. По граничниот спор меѓу Словенија и Хрватска, македонско-грчкиот спор за името е следниот што европските дипломати очекуваат наскоро да биде затворен. Трајан Бендевски, професорот по меѓународно право, вели дека токму премиерите се тие што имаат право да прифаќаат или да отфрлаат предлози, за разлика од преговарачите. - По прифаќањето на Лисабонскиот договор, ЕУ е сериозно заинтересирана да се надмине и ирационалниот спор за името, за што директните преговори се, несомнено, корисни. Очигледно е дека се настојува до седми декември Македонија и Грција да понудат решение - вели Бендевски. Мерсел Биљали од институтот „Демос“ вели дека може да се очекува во следните десет дена премиерот Груевски да излезе во јавноста и да објави дека постои предлог што може да доведе до конечно решение. - На средбата меѓу Папандреу и Груевски очекувам да има некаква порака или, можеби, преддоговор дека двете земји се блиску до решение, што ќе биде доволно Грција да не го блокира почетокот на преговорите – вели Биљали. Иако јавноста во Македонија и во Грција смета дека е веќе договорена придавката „Северна“, „Време“ од дипломатски извори дознава дека во игра се уште се и другите одредници како „Горна“, „Нова“, „Демократска“... Според нашите извори, конечниот избор на придавката се уште не е договорен бидејќи ќе влијае во разговорите за опсегот на употребата на новото име. Ако се остане на „Северна“, тогаш Македонија ќе инсистира да се употребува само за меѓународни организации, но доколку се договори поповолно решение како „Нова“ или „Демократска“, тогаш опсегот на употреба би можел да биде поширок.
ЕУ веќе ги пишува нацрт-заклучоците
Во пресрет на декемврискиот самит на Советот на министри, меѓу владите на земјите што се членки на ЕУ веќе почна да се изработува нацрт-документот што би го усвоиле министрите. Македонија сега се бори, доколку Грција го употреби ветото, да издејствува најдобар можен резултат. Најоптимистичката варијанта е Советот, иако без датум, да ја повика Македонија да ги подготви административните капацитети за преговори, што би значело дека веднаш по решавање на спорот би почнале преговори. Но во игра се и други фрази, односно советот само „да ги земе предвид“, „да ги констатира“, „прифати“ препораките на Европската комисија за почеток на преговорите со Македонија.
Опозицијата го бојкотира Јолевски
Македонскиот преговарач за името, амбасадорот Зоран Јолевски, минатава недела, додека бил на консултации во Скопје, се понудил да оствари средби со лидерите на партиите што имаат свои пратенички групи во Собранието, а тоа се СДСМ, ДПА, ДУИ и Нова демократија. Освен лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој се сретнал со Јолевски, сите други претседатели ја одбиле понудата. Место средба со Јолевски, тие сметаат дека премиерот Никола Груевски треба да свика лидерска средба на која би ги соопштил ставовите на Владата во преговорите за името.
Нимиц свикува средба
Дипломатски извори за „Време“ тврдат дека иако Македонија и Грција прифатија директни разговори во спорот за името, тоа не значи дека двете држави се откажуваат од услугите на посредникот Метју Нимиц. Како што дознаваме, можно е веќе кон крајот на следната недела Нимиц во Њујорк повторно да ги покани на средба преговарачите Адамантиос Василакис и Зоран Јолевски. Тоа што е неизвесно е дали двајцата преговарачки ќе седнат повторно на заедничка маса или, пак, ќе имаат одвоени средби со Нимиц. Доколку Грција остане на ставовите што ги презентирал Василакис на минатата средба, тогаш повеќе од сигурно е дека нема да дојде до заедничка средба.
|