|
ВО НИЖО ПОЛЕ ПОВТОРНО ПОЧНАА СЛУЖБИТЕ НА „ПОА“
Вранишкоски се врати да богослужи
Пеце Стефановски
Расчинетиот владика Зоран Вранишкоски, вчера, по две години, во манастирскиот комплекс „Свети Јован Златоуст“ во Нижо Поле, повторно вршеше богослужба во присуство на поголем број негови истомисленици дозволувајќи им присуство и на новинарите. Службата ја држеше во обновениот манастирски комплекс, кој пред неколку години беше урнат како дивоградба. Сега на тој простор изникнаа повеќе параклиси, конаци и други атрактивни градби за кои се зборува, а тоа своевремено и Вранишкоски јавно го кажуваше дека се изградени со околу осум милиони евра од Србија каде што во изминатиот период се криеше од македонските органи за прогон. Вранишкоски ги собра на служба припадниците на таканаречената православна охридска архиепископија само по два дена откако Апелацискиот суд го одби неговото барање за регистрирање на „гркоправославна охридска архиепископија на Пеќката патријаршија“. - Која е смислата на тие институции? Вие гледате колку верници имавме на оваа свечена богослужба. Така е и во Прилеп, Скопје, Штип, во Ресен и во други градови. Присуството на народот е показател дека таквите одлуки немаат смисла. Ништо друго не ни останува, освен до крај да ги користиме правните лекови и да се бодриме од животот на црквата во минатите векови, кој не бил полесен од сега. Но, жалосно е во 21 век да молиме државата да не признае како правно лице, место таа сама да го направи тоа. Ние сме лојални граѓани, но овој случај веќе е пред Стразбур - рече вчера Вранишкоски. Тој тврди дека името, барем за него и за неговите истомисленици, не е никаква пречка за регистрација. - Ние имаме јавно кажано, а оваа пригода ја користам за да повторам, нека не регистрираат под кое име сакаат затоа што немаме проблем со името. Името би ни служело да се регистрираме како правно лице и да ги остваруваме интересите на оваа верска заедница, затоа што ние, како ПОА, сме признати во целиот свет - вели Вранишкоски. Обвинувањата дека е шпион на српските и на грчките разузнавачки служби Вранишкоски ги отфрли како несериозни, посочувајќи дека поранешните полициски соработници се во Синодот на МПЦ и се залага за лустрација на свештенството. Апелацискиот суд во петокот ја одби жалбата на Вранишковски, исто како и Основниот суд Скопје 1, кој не дозволи регистрација затоа што името содржи назив Охридска архиепископија, кој произлегува од МПЦ. Од петокот, скопска Апелација ја има в раце и судската пресуда на велешкиот суд, па се уште нема правосилна судска пресуда со која треба да одлежи две години и шест месеци за злоупотреба на повеќе од 250.000 евра, пари на МПЦ. Апелацискиот суд и претходно двапати ја укинуваше ослободителната пресуда за Вранишковски и го враќаше случајот на повторно судење. Според него, тоа се должело на политички притисок, поради што бараше да му суди црковен суд. Вранишковски изминативе неколку години го одбегнуваше судскиот процес пред велешкиот суд, а по него имаше распишано интерна потерница. Судот во Велес го осуди во отсуство откако претходно Апелацискиот суд двапати ги укинуваше ослободителните пресуди за истото дело. Засега, ниту Јован, ниту од ПОА не потврдуваат дали во случај апелација да ја потврди пресудата, Вранишковски по третпат ќе замине на издржување на казната во Идризово, или, пак, ќе ја напушти Македонија.
|