Александар Божиновски
Лебарки секојдневно се гоштеваат со тонерите во компјутерските печатачи во судниците на скопскиот Основен суд 1, се жалат судиите.
Тие велат дека поради овој проблем не се во можност потоа да ги испечатат записниците од судските процеси. Големи проблеми на судиите им задава и слабото напојување во електрична мрежа во зградата на Основниот суд Скопје 1. Поради струјата редовно откажува мрежниот компјутерски сервер, но и персоналните компјутери во судниците.
- Напонот е нестабилен и затоа паѓа мрежата. Неодамна беше поставена нова електрична инсталација, но и таа ги има истите мани. Сега сите судски записници се пишуваат на компјутер и автоматски се меморираат во серверот. Голема среќа е што досега не е загубен ниту еден записник. Може да замислите на какви маки ќе биде судијата што ќе загуби записник од рочиште - вели Милан Доганџиски, судија-кривичар во овој суд.
Таков беше примерот со вчерашното рочиште против Војо Михајловски. Среде судење струјата направи проблем и откажа мрежниот сервер. Па рочиштето беше привремено прекинато. Тоа се случи и со сите процеси што во тоа време се водеа во судот.
Покрај проблемите со струјата, судиите мака мачат и со климатизерите. Ако откаже клима-уредот, во лето, кога температурите се високи, веднаш откажуваат и компјутерските печатачи во судниците.
- Повеќето климатизери работат, но не секогаш како што треба. Поради овие проблеми некогаш многу долго се чека да се испечатат записниците. Законски сите странки мора да добијат записник од едно рочиште, а тие некогаш може да бидат напишани на десетици страници - објаснува Доганџиски.
Тој додава и дека во печатачите честопати наоѓале лебарки, но топлото време и температурата на ласерот ги убивало, па досега не дошло до некој поголем дефект.
Сепак, некои судии велат оти лебарките досега во неколку случаи им ги изеле тонерите на печатачите.
- Ова е срамота за државава. Овој суд, како најголем во државава, треба да ја има најдобрата опрема, а не да се бориме со лебарки - реагира судијка од овој суд.
Од Министерството за правда најавуваат скоро решавање на проблемите.
- Во сите наши проекти, Основниот суд Скопје 1 има приоритет поради својата големина и тежина на делата што се судат таму. Имаме договорен проект со Европската агенција за реконструкција и развој, како и од други донатори за изградба на посебна судница за организиран криминал, како и проект за заштита на сведоци. За ова се веќе обезбедени 400.000 евра - вели Мирјана Илиевска, портпаролка на Министерството за правда.
Таа најави и комплетно реновирање на судот.
- До Владата е доставено барање за реновирање и за надградба на судот. Очекуваме позитивен одговор во најскоро време. Планирано е да се обнови целиот суд, како и изградба на уште еден кат - додаде Илиевска.
Струјата го прекина судењето против Војо Михајловски
- Добро е што само се исклучи компјутерската мрежа, поради оваа струја следниот пат ќе се запалиме - реагираше судијката Гордана Спировска, откако мораше да направи пауза од цел час на судењето за Војо Михајловски, поранешен директор на Фондот за здравство. Поради овој проблем сите рочишта беа во прекин еден час.
На вчерашното судење сведочеше Гоце Вељановски, поранешен помошник-директор за финансии во Фондот. Тој повеќе од еден час објаснуваше како фондот работел со цесии, кога наеднаш се исклучи компјутерот на дактилографката. Судијата Спировска веднаш реагираше и со помош на техничари од судот успеа да го спаси записникот.