Анастас Вангели
Ден спроти палењето на Вордот, и неколку месеци спроти моето прво гласање на фер и демократски избори, ме пресече една мисла која ме натера да меандрирам од последователната расказност во која се вдомив.
Бла, бла, опозиционерството кон нараторот значи шанса за бесниот. Предвремени избори, предвремена ејакулација и наводно пенис инларџмент пилс за патриотите. Како и Вијагра за оние кои се под стрес и шпанска мушичка за оние уште попатетичните и попотресените околу чекорот кон Унијата.
Вуната која го носи погоре напишаново на рамења, во изминативе година-две, имено, колку што можев да согледам, не е плод на острите ножици, високо напреднатата технологија на машинката за стрижење или гневот со кој истата беше откубана. Не. Вуната која ја палев и играв околу неа, како Апач во најтешка суша, всушност беше собирана, случајно. Не како собирање поштенски маркици со слики од маркантните брклиња од минатото, не како собирање пари за кабелски модем, туку набрана рачно, со засукани ракави и наквасена со пот. Набрана од меѓата. Меѓата која ти го поплочи черепот со оловни блокови, со челични завеси на кои и Труман би позавидел. Меѓата која ги скара комшиите, која ги присили сказалките да ротираат обратно од нивниот предодреден правец, меѓа која дигна нов Берлински ѕид, додека уште ги дишеме прашинките од рушењето на стариот.
Меѓата изградена со спонтан архитектонски импулс наметнат уште од времето на Кензо Танге ја детерминираше клаустрофобијата на духот низ целото мое детство, рана младост, доцна невиност, па дури и до ден денес. Таа ги створи страшилата кои катадневно се мавтаат пред камерите, таа ги створи чавките кои го посраа секој ресурс на здраво рацио, таа е таа меѓа, која го скисна лебот и го пукна кондомот па се роди нагонот за убивање. И додека Ленка боледува од туберкулоза, Хајди дише чист воздух некаде на Алпите. Е, заради таа меѓа, таа пломба, која не дозволува на Ленка ниту собата да и ја проветрееш.
Додека низ реата од мртвите души парадираат господата со гас маски од италијански дизајнери, продавајќи најдолна хипокризија, тројански коњи и магарешко огнено оружје, на меѓата се нафаќа се поголема количина вуна. Снежно бели облаци, натопени со крв и по малку лимфа на овните со свиткани опавчиња и уште посвиткани рогови, и со веројатно висната машкост и надвисната индолентност врз сето тоа.
Мее-еее, драга овцо, изборите оваа година повторно ќе ги изгубиш. Волци во јагнешка кожа во трлото, ѕвечкање на остри сатари во бачилото, раце стегаат како клешти на вимето и ги втишуваат парот анемични сивкасти грла кои ќе испуштат крик во обид.
И се тоа заради живата ограда, живиот песок насекаде околу заедницата, кој немилосрдно ги голта сите наши Икари и Дедали.
Стратегиското прашање кое се задава со самиот наслов, е колку таа меѓа од боцкава жица е транспарентна. Колку е тој јаз уочлив. Колку е тој јаз премостлив. За да се излезе од мизерниот агностицизам, диктат на дигитализацијата, популизмот и хибридизираниот дадаизаме(не оној на Хуго Бол, туку иронично – екстремен конформизам – „да, да, разумем, шефе"), несомнено, мора да се тргне од вежбата на сите шест сетила, практикувањето на прогресивната мисла во било кој облик и редовното читање, гледање и слушање на лектирите. Оти вакуумот во секој аспект на битисувањето вбризгува апсурден радикализам, кој создава срамни рамки од епрувета, кои се светлосни години далеку од степенот на славното Крушево.
Херметички запечатената ќесичка во која се наоѓа токсицираниот ум на оваа заедница, оди во прилог само на овие или оние којоти, задрти и аморални идеопати чија алчност за материја или престиж не знае за прекин. Вшмукувањето на секоја хранлива состојка, позициониот мат до кој е умот доведен, е статус кво, кој единствено трпи фасадни но гласни промени на секои четири години. Дебелата домаќинка и месечниот циклус, би споредил. И се тоа поради таа стерилизирачка меѓа, која бескрупулозно ја влече надолу трезвеноста и опива до онесвестување и тотална апатија.
Доволно е и да се спомене во контекст на совладувањето на кобната таа рампа и „Животот на Брајан“ на митската британска комедијантска тајфа на Пајтоновите. И фрустрацијата на Брајан кога ќе повика на индивидуализам.
Клета е судбината на овдешната маса. Ретроактивната наплата на автостоперските летувања низ галаксијата кои до пред извесно време биле муфте е морална одговорност и облигација пред самите себе, првенствено. И тоа е премисата од која поаѓа секој понатамошен заклучок.
А тоа не е така страшно како што звучи. Страшна е меѓата, која не има заробено, страшна е таа проклета мембрана која не дозволува никаква пенетрација на елан во ткивото кое се наоѓа под неа. Болно е што таа мембрана не е ништо повеќе отколку слој на окапани полумртви клетки, кои ја парализираат циркулацијата на она што не е ним познато, што ги втемелуваат стереотипите и предрасудите, што го плакнат свесното со отровни детергенти, притоа убивајќи го и припојувајќи го во своите погани редови. Меѓата е рачната кочница, менувачот во лер, коренот на злото, ноктот во месо, шестката кариес. Меѓата е силиконот на Цеца, меѓата е клик-клакот на сините и црвените, меѓата е она канцерогено немање на сопствен став, она море од летаргија и немање инстинкт. Меѓата се спуштените раце на првачињата од првиот ден на училиште до нивното дипломирање, меѓата е неоснованата омраза и фобија од различното и отсуството на конструктивност. Меѓата е векторот на вуната.
За да се скокне преку неа, треба да се биде присебен. Треба да се биде посебен.
Бидејќи, меѓата е Матриксот. Силна фикција, Баба Рога, маска за заварување спроти илумницијата вон Платоновата Пештера. Меѓата е множеството од сите трња во нашите очи.