.JPG)
Кога пред една недела ме фркна тиквава од демагошките повраќаници во еден овдешен весник (да цитирам и јас една од омилените именки на Јанко бурекчијата), со ласкави пофалби до МПЦ и до Македонија, која - пази ваму! - и одржала лекција на Европа по прашањето на скандалозните карикатури за Мухамед (па, па, па!), си реков, нема да одолеам. Ќе пукнам, а нема да одолеам. Оти се знам себеси, функционирам по принципот „if you see a good fight, get in “.
Од друга страна, пак, едно незгодно, бре... Во импресумот на весникот се уште стои моето име како основач (и ќе стои, богами, како на Рибникари во „Политика“). Како да вадам тоа кубурот? А и душава некако, ако минаа повеќе од четириесет дена, се уште ми се врти околу Гологанов. Таму, поконкретно, околу еден телевизор, прекриен со бела хартија, на која е испишана една шестцифрена бројка. Тоа е мојата бројка, драги мои.
Е таков сум, патетичен, емотивен, фалбаџија, а згора на се, немам ни навика ни желба да плукам во старите бунари.
Од трета страна, пак, некои нешта едноставно не можат и не смеат да се премолчат. И тогаш - види чудо! - на помош ми доаѓаат новите ѕвезди на „Неделно време“, нашите нови пријатели од сајбер-просторот, со своите слободни и некорумпирани умови.
Луѓето постојано ме прашуваат кои се тие момчиња и девојки и не ми веруваат кога им велам дека освен еден од блогерите, јас никого друг лично не познавам. Ги среќавам на нивните блогови (со колумнистите комуницирам по електронска пошта) и се уште не сум имал можност никого лично да запознаам. Не ги познавам и авторите на прилозите во рубриката „Нов бран“ во овој број, чии мислења за контроверзната тема ги пренесувам со радост и гордост, како да се мои.
А и што е важно тоа кој кого лично познава? Ни мојот некогашен уредник Лазаров можеби лично не го познава Миќуновиќа, а тие двајцата сигурно не го познаваат Анти, а сепак, ако се прочитаат, ќе се почувствуваат како да се познаваат со години. Без оглед што ги делат времиња и километри. Тајната е во тоа луѓето да се чувствуваат слободни и на крилјата на таа слобода толку блиски што можат да си дозволат да мислат исто а да не си завидуваат, да мислат различно а да не се мразат, да мислат дури и спротивно а да не војуваат. За таква земја се прикажува Македонија, драги мои, а не за онаа од која, според демагошките тези на нашиот новинарски Понтиј Пилат, кутрата и глупава Европа (сосе Германија, претпоставувам), требало да се засрами.
Не случајно еден од моите пријатели од „Новиот бран“ забележува дека најжестоките протести по контроверзниот настан се во земји каде што има најмалку простор за муабет за што било друго во општеството, каде што религиозната припадност е една од ретките заеднички точки помеѓу власта и поданиците, а манифестациите насочени кон „надворешниот непријател“ се ретка можност човек катарзично да се изнавика на улица. Македонија такво место, сепак, не е. Македонија е земја на толеранцијата, во која секој од нас има разбирање за религиозните чувства на другиот, но сите заедно над се сепак ја ставаме слободата како врвна цивилизациска, духовна и религиска вредност.
Ако не ми верувате, ви предлагам еден мал тест. Денеска, недела, ден од Бога определен за одмор, од најблиската видеотека земете го филмот „Брајан од Назарет“ со Монти Пајтон. Погледнете го, навредете се и в понеделник елате да ја запалиме британската амбасада во Скопје. Да и одржиме уште една „лекција“ на Европа...