Анастас Вангели
Не треба човек да е Сашо Фактор Икс за да предвиди што ни доаѓа во блиска иднина. Маркетинг, кампањи, плукање, промоции, малверзации, пенетрации, мачкање очи. . . , брашно, зејтин, шеќер. . . секс?! Мозочен секс?! Во малиот, во големиот, во 'рбетниот. . секс до смрт!! Периодот што следи ќе пројде во знакот на патриотизмот; стручноста; заслугите; а веројатно и херојствата на испраните партиски умови (?!). Ма нека пројде само!
Порано се имав заречено дека за избори нема да пишувам. Делумно го кршам ветувањето, пишувајќи против нив.
Изборите, особено овие парламентарните, ги доживувам како една голема крвава македонска свадба, на комшијата од карши, проследена со хардкор лимен оркестар, наџиџани коли со машна на хауба, гости дури и од дијаспората, певаљки - песнопојки, попови, стилисти, тостери, ма со сите нишани, со целата младоженска свита и невестинска гарда, девери, сватови, старосватици и ним слични родови и чинови. А такви свадби ми се мрски од дното на душата! Као младенци, стапињаат на „лудиот камен“, да не ги именувам, носители на листи, си мењаат прстени, а потоа и лиги за у добро и у зло, накапени со темјанот од кандилцето на попот. . . , па вечерта бурна, прва брачна ноќ, па скината е, па не е, крв на чаршафот, местено е, не е местено..., па преку таквото, избори.
Изборите се напаст, окупација на секој минимален вакуум од здрав разум, на кој ќе наидат. Ќе ги окупираат првин весниците. Еве, го окупираа моето катче за оваа недела. И после тоа ин ноутајм ќе ги запоседнат сите медиуми, печатени и електронски, независни и зависни, владини и невладини, стратешки и набљудувачки..., ќе ги залепат на билбордите, тазе искречените ѕидови, ќе се замешаат домаќинките и домаќините од градовите, предградијата, селата, нивите, шумите и буките... и верверичките, па и кртовите ќе почнат да пулсираат во тактот на параизборното и надридемократичното секојдневие што допрва доаѓа.
Мечките од зимскиот сон ќе станат да лепат плакати со мед, волците ќе завиваат во седумосминските партиски тактови, за на крај сдсОВЦИТЕ и вмрОВЦИТЕ да почнат да блеат ко трлата, бачилата и полјаните, спремни за шишање во следниот мандат.
На крајот, секој од нас ќе биде прогонуван од клонираниот чичко на плакатите - црвени, сини и „шарени“... и ќе дојдат каде што не се повикани, во нашите сништа, кошмари, ноќни мори. . . баш како во песната.
Како политичко сираче, едвај чекам првпат да го искористам моето право да не пратам ливче во Пандорината кутија во месната заедница... Едвај чекам тоа неделно претпладне да се опрчам низ куќа или да прошетам надвор, да не глеам, да не мислам и да не се преокупирам со тој автодеструктивен чин.
Изборите, кај нас, веројатно се шансата за најголемите шупаци да ја завладеат широката маса. Нормално, „није битна идеологија, битна је биологија, битна је генетика.. (Едо Маајка)“, битно е да се има и херменевтика при консумирањето на платената и неплатената политичка пропаганда, да се избегне замката наречена гласачко ливче. Тотално пореметен барометар, тотално изгубен политички компас. И одбивам да пуштам ливче, бар важечко. Затоа што, гласајќи за змијата или магарето се прави чекор кон работ, каде ирационалното го среќава реалното, глупиот станува моќен и неспособниот станува овластен. „Демократскиот и плуралистички биг бенг“ што се случи во оваа земјичка пред 15 години, придонесе од таа прото-тестеста материја да се измеси една скапана квази политичка сцена, на која дефиле имаат карикатурални ликови без никаков кредибилитет и легитимност. И најтрагично е што плакатите, топтан со ликовите, т.е. карикатурите, алчни и бедни, треба да ве претставуваат вас, граѓани и граѓанки... вашите трибуни, вашите застапници.
Не можејќи да издржам пред налетите на дневнополитичката промаја, го дадов мојот придонес во „блогерите за изборите“. За крај, еден извадок од прирачниците, т.е...аНТИпамфлетчињата на најдобро рангираниот наш блогер на Технорати -. аНТИ: „не гледајте телевизија, не читајте весници, не потпаѓајте под влијание, а кога ќе ве прашаат 'за кого сте', навредете се“. Затоа што навредливо е оние параспури и расипикуќи да се декларираат дека го застапуваат мојот или чиј било интерес.