Алекс Букарски
Тешко е навистина да се биде млад. Во Македонија посебно... Чувствувам должност да го кажам тоа во името на моите врсници, кои еве киснеме заглавени во оваа земјичка, која се врви и се прешишува за три и нешто саати.
Блаже Конески отприлика рекол: „До кај што стига љубовта на моето срце, до таму се границите на мојата татковина“. Оваа мисла е јако симболична и се тоа, но од реален, ептен реален (или хиперреален?) аспект, физичките, територијалните граници се многу поприсутни околу нас. Блокада, неможност, граница - се младешко фрустрирачко тројство.
Слушам деновиве на ТВ оди прилог што вели дека само еден процент од студентската популација има патувано надвор од државава. Океј, ниедни статистики не би можеле да бидат порелевантни од моето лично искуство насобрано од блиското опкружување (бидејќи сум студент). Гледам дека ни колегите на факултет, ни другарите од студентскиот дом не се нешто по Европава многу нашетани. Сетилата пред статистиките, паролашки би извикал.
Темата е trendy, темата е стотина пати преџвакана, како и многу други теми, мислам исто е појаснувано, апелирано, укажувано и скоро секогаш завршувало со дефетистичко „џабе“. Но, јас сум еден од тие ретките, заебаните, упорните, кои не го кажуваат тоа тукутака „џабе“. Бездруго млад сум, кажав веќе еднаш, нејќам еден ден да остарам и да кажам не сум успеал да ПРДНАМ подалеку од Бугарија.
Во ТВ-прилогот го гледам г. Фуере, кој најавува дека ќе се одвиваат преговори за олеснување на визниот режим, но самиот тој кажува дека не се надева дека ќе постигнат многу. Во земјата од каде што доаѓа тој, младите го имаат тоа право, имаат право да скитаат по целиот европски континент.
Во Франција студентите креваат бунт (некои од овдешните помодарски колумнисти, неинформирани го поистоветија со „68-машкиот студентски бран“, што нема блага врска, бидејќи тој бунт главно важеше за „левичарски“, додека овој е насочен директно кон новодадените права на емигрантските работници) и нејќам ни да помислам со таа свест што ја имаат што би направиле доколку ги немаат овие елементарни права, права на пример на кои повикува и Болоњската декларација, чија идеја е да се воведат стандарди што ќе ги исполнуваат универзитети во Европа за да може да се воспостави размена на искуства и знаења.
Друго е што нашиот универзитет бавно ги спроведува реформите, што од разни административни сопки, што од затуцани професори од кои само пензија може да не спаси и слично. Не можат ни Интернет да воведат на факултетите, иако не бричат секој уплатна година по 800 денари за измислени информатички технологии? Или се прават на тошо, ко Јани Макрадули, кога човек јавно ги прашува зошто не реагираат? Потоа вината е во нашите дипломати, неспособни тотално би рекол, кои се само нешто преговараат, договараат кобајаги, а всушност јадат и пијат? Договорите за реадмисија бараат силно лобирање.
Што има да се постига многу или малку. Треба на студентите да им се обезбеди слободно движење низ земјите од ЕУ - и точка!
Најгрозното сепак допрва следува, тоа е чеврточната колумна на дипломатката, која ќе не подучува како да бидеме оптимистички и ведро расположени, благодарение на дипломатските победи што таа и нејзиното друштво во потрошениот мандат ги остваруваа.