|
ОДБОЈКА
Струмичани се пласираа во финалето
И во вториот полуфинален натпревар од одбојкарското првенство на Македонија екипата на Македонија Џио од Струмица ја победи кичевска Шутова, сега на гости со 3-0 во сетови, со што се избори за големото финале и борба за шампионската титула со трофејниот состав на Работнички Фершпед од Скопје.
Натпреварот во Кичево резултатски беше неизвесен само во првиот сет, кога одбојкарите на Шутова не успеаја да го решат во своја корист иако имаа водство до самиот финиш со 23-19, но тогаш, со неколку последователни грешки, му дозволија на својот противник прво да израмни, а потоа и на разлика го доби со резултат 28-26.
Губитокот на овој сет дејствуваше депримирачки за домашната екипа, така што во вториот гостите ја имаа предноста од почетокот до крајот. Како показател се и двата технички тајмаути на кои струмичани имаа предност од три до шест поени, што им беше доволно да поведат со 2-0 во сетови. Третиот сет беше изедначен до половината, поточно до резултат 14-14. Оттогаш до самиот крај струмичани одиграа поконцентрирано, со помалку грешки во приемот и во сервисот, што им беше доволно и на крајот да остварат заслужена победа.
- Првиот сет ни беше на дофат, но малата деконцентрација во финишот не оддалечи од освојувањето на овој сет. Потоа екипата како да падна на психолошки план, што го искористија гостите од Струмица и го решија мечот во своја корист - смета Горан Јаневиќ од Шутова.
Шутова само повремено беше на рамниште на едно одбојкарско полуфинале, што не беше и доволно за да се избори и за трет одлучувачки натпревар. Во победничката екипа најистакнати поединци беа Панов и Јорданов, додека во екипата на Шутова немаше одбојкар што посебно се издвојуваше со својата игра.
- Остваривме заслужена победа, но очекував во екипата на Шутова да имаме полесен противник. Сепак, на крајот потврдивме дека имаме поквалитетен состав и дека заслужено одиме во финалето во кое ќе бидеме достоен партнер на Работнички Фершпед - изјави Трајче Атанасов, тренер на Македонија Џио.
На полуфиналниот натпревар во Кичево беше присутен и генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Зоран Карановиќ.
- Првенствено бев дојден за да ја видам салата во која настапува составот на Шутова, затоа што оваа екипа наесен најверојатно ќе настапува во еден од европските купови. Сакав на самото место да видам какви се условите во спортската сала „Јанчица“ за одигрување ваков вид натпревари. Констатиравме дека со мали корекции на соблекувалните и на санитарните јазли салата ќе може да одговори на европските потреби. Што се однесува до самиот натпревар, тој беше доста интересен и покрај не толку големиот квалитет. Сепак, треба да не радува дека и Кичево се наоѓа на картата на одбојкарските центри од нашава земја - рече Карановиќ.
Спортска сала „Јанчица“. Гледачи 500. Судии: Амбарков Велес, Тасев Штип. Делегат: Здравко Поповски Скопје. По сетови 26-28 (за 29 минути), 19-25 (26 минути), 18-25 (27 минути).
Шутова: Манасков, Ислами, Абази, Живиќ, Богоевски, Усеини, Вела, Лутвиу, Јаневиќ, тренер Бејтула Емини. Македонија Џио: Михаилов, Семеновски, Јорданов, Делевски, Атанасов, Димовски, Славков, Панов, Милев, Н. Ајтарски, Ј. Ајтарски, тренер Трајче Атанасов.
З.А.
|