
Седмиот ден овојпат ќе ви го расипам со една многу тажна приказна. Знам дека мразите тажни приказни, но оваа толку живописно и прецизно ја отсликува нашата ситнодушна природа што едноставно немам право да ја премолчам. Како што ја премолчуваат некои други, којзнае зошто. Особено не сега, по ракавицата што ни ја фрли младиот Букаро во својата колумна во овој број, во која зборува за хуманоста и за филантропијата (меѓу другите нешта што го нервираат), повикувајќи се на зборовите на Хаксли: „За некој да биде хуман, треба да е или лицемер или слабоумен“.
Приказната е поврзана со извиканиот концерт на нашиот оперски пејач Борис Трајанов. Јас не бев на тој концерт (жалам, но никаде не одам непоканет), така што не сум компетентен да судам ниту за „кремљолошките“ аспекти на настанот (кој дошол и кој не дошол, а требало да дојде), а уште помалку за самиот перформанс. Мене ме зачуди една друга работа: со чесни исклучоци, медиумите ја премолчаа информацијата дека во рамките на овој значаен настан се организира и хуманитарна акција за помош на децата болни од церебрална парализа - гостите во преполнетата сала на МНТ беа повикани да донираат по некој денар во двете кутии во фоајето, а за возврат да добијат примерок од промотивниот магазин на стоматолошката ординација „Ендомак“ (кој во слободна продажба чини 20 денари, а читателите на „Неделно време“ во минатиот број го добија на подарок) .
Билетите за концертот беа распродадени три дена пред настанот, така што со право иницијаторот на оваа акција, мојот пријател д-р Коте Тасевски, очекуваше богата „хуманитарна жетва“. А кој не би посегнал во џебот барем со една стоденарка да им помогне на овие деца? Ех, кој... Пред некој ден д-р Коте ми се јави да ми ја соопшти фрапантната вест: во кутиите биле собрани точно и вкупно 1. 200 денари (и со букви: илјада и двесте денари)! Е, мој Букаро, сега кажи нешто, да те видам! Замисли, дури и ова е жива вистина: една „дама“, која во кутијата „одважно“ уфрлила цела стоденарка, од хостесата побарала кусур од 80 денари. А и ова: некои од дечињата болни од церебрална парализа што седнале во првите редови биле станувани од своите места, за нашите „филантропи“ и „хуманисти“ да не ги загубат своите скапо платени седишта.
Приказната има и друга, посветла страна. Таа, за жал, нема никаква врска со нас, туку со некои хумани и храбри луѓе од далечната Корзика. Само Борис Трајанов и Јордан Плевнеш (шо убаи пријатели си имам, а?) знаат како ги натерале пустите Корзиканци од хуманитарната организација „Пер а Паче“ да се кренат на пат далечен, во постава од 18 луѓе, со камион, по пат да си плаќаат јадење, пиење и спиење (да, и во хотелите во нашава хумана Македонија), за во Детската клиника во Битола и за децата болни од церебрална парализа во Скопје да донесат опрема вредна повеќе од 20.000 евра.
Тие 20.000 евра, а нашиот „крем“, нашите големи „филантропи“ и „познавачи“ на операта (кои сега маана и на концертот му нашле, бре мајката) - 20 евра! А новинарите за тоа молчат. Има ли од тоа поголемо лицемерие и слабоумие, има ли поголем срам, луѓе мои?
„Никогаш повеќе нема да организирам хуманитарна акција“, ми вели разочарано д-р Коте, во чии ординации децата заболени од оваа болест веќе четири години бесплатно ги лекуваат своите заби. Го разбирам. Разочаран е човекот. А како и не би бил кога само гаштите смрдени, на онаа „дама“ што побарала кусур, веројатно се купени за сума повисока од оние срамни 1.200 денари?
Срам да ни е и арам да ни е! На сите!