(1).jpg)
Шест од десет анкетирани граѓани знаат дека во околината на Скопје постои аквадукт, но не знаат каде точно се наоѓа, ниту како да стигнат до него, покажа анкетата што „Време“ вчера ја направи меѓу скопјани. Оние што знаат дека постои ваков споменик, воопшто не се заинтересирале да го посетат зашто, како што велат, тој е далеку од градот. Другите граѓани што учествуваа во нашата анкета воопшто не знаеја за оваа градба. Од Туристичкиот сојуз на Скопје велат дека недостигот од пристапен и обележан пат до аквадуктот е главната причина зошто тој е заборавен од посетителите.
- Кога во 1986 година се подготвуваше туристичкиот водич за Скопје, комисијата што го изработуваше не сакаше во него да се опише аквадуктот. Тоа би било дезинформација затоа што туристите никогаш не ќе можат да го посетат поради непристапноста. Недостигаат и информативни табли на кои ќе може да се прочита нешто повеќе за него - рече Оливера Ѓекиќ, од Туристичкиот сојуз на Скопје.
Таа додава дека до аквадуктот никогаш досега не однеле група туристи за да го видат, токму поради тоа што нема пат што води до него.
Градското здружение на архитекти изработило проект за конзервација и за комерцијално заживување на просторот околу аквадуктот кој пред неколку години бил доставен до Конзерваторниот центар Скопје.
- Проектот чини пари, но градската управа, надлежната општина и Управата за заштита на културното наследство мора да ги знаат приоритетните културно-историски објекти што треба да се заштитат. Не може оние од 1930-години да бидат поважни од оние што опстојуваат со векови, како во овој случај каде што станува збор за градба стара околу 1.500 години. Градската управа мора да ја подигне свеста кај граѓаните за да се заинтересираат и за да ја запознаат личната карта на градот. Дури има луѓе од сферата на културата што велат дека се добро информирани, а не знаат за ова наследство - вели архитектот Вангел Божиновски, од здружението.
Н.Ч.