
Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, неделава ќе има средби со високи претставници на Министерството за внатрешни работи и на Интерпол за да организира враќање на бронзениот кратер од Демиркаписко. Овој вреден артефакт, како што изјави Кузман викендов, е диво ископан во јужна Македонија и преку фантомски фирми во Швајцарија и Британија е однесен во Њујорк, каде што е понуден на продажба.
- Ќе реагираме максимално енергично и ќе ја туркаме работава докрај - за да се врати кратерот - вели Кузман, кој заговара енергична акција против дивото ископување и изнесување артефакти од Македонија.
Вакви кратери од бронза, во височина од речиси еден метар, се ископани во Требениште, Охридско, во познатите кнежевски гробници.
- Еден од нив е откриен во 1930-тите години во времето на српската доминација и однесен е во Белград, каде што е изложен во Народниот музеј. Друг таков кратер со потекло од Требениште, пак, е однесен во Бугарија и се наоѓа во Народниот музеј во Софија. Овој што сега е изложен во Њујорк сакаме да го вратиме во Македонија - вели Кузман.
Кратерите од Требениште, како и овој што сега е лоциран во Њујорк, се импресивни поради своите димензии и уште повеќе поради орнаментите на нивните фризови. Артефактот што е во Белград има богата релјефна орнаментика, која претставува коњаници, а оној во Софија е украсен со претстави на горгони и крави.
- Очекувам, по овонеделните средби, експресно да реагираат и нашето МВР и Интерпол и да го вратиме бронзениот кратер во Македонија - вели Кузман, кој најавува дека локалитетот, кој од безбедносни причини не сака да го именува, наскоро ќе биде заштитен.
Тоа ќе биде почеток на една поенергична и посеопфатна акција што ја планира управата против дивите копачи во Македонија.
Ј. Ф.