Кликни за поголема

Најнови видеа превземени од a1.com.mk
Време, број 923, 10.12.2006





     

ВЛЕЗНА ВРАТА ВО ПОЛОШКАТА КОТЛИНА И ВО КАЧАНИЧКАТА КЛИСУРА
Од дека да појдеш, у Вратница ќе дојдеш

Јана Танаскова
 
Вратница е прво село со сите услови на урбан живот. Селаните раскажуваат за училиште што постоело уште во времето на османлиската власт. Учените вратничани некогаш ги имале највисоките функции во целиот полошки регион.
 
Во Вратница, како што гордо раскажуваат нејзините жители, во 1965 година бил изграден првиот олимписки базен под отворено небо. Тогаш Вратница надалеку го расчула своето име, привлекувајќи посетители од цела Македонија. Базенот денес не постои, но ова не ја намалува атрактивноста на селото.
 
Оддалечено дваесетина километри од Тетово, поставено на височина од 750 метри, со свежиот планински воздух, со природните и со архитектонските убавини, селото нуди идеални услови за развиток на селски туризам.
 
Модерниот мотел „Вратница”, кој во моментов е во обнова, во минатото нудел сместување за сите заинтересирани посетители. Оние што престојувале тука, долго ќе ги паметат селските специјалитети како похуван телешки мозок и топеница што се меси од пченкарно брашно.
 
 
Наредени едни до други, споени во иста целина, а вековно разделени, пред нас стојат стари селски куќи со истурен трем, плевни и штали за стоката во приземјето. Наспроти нив, како излезени од американски филм, се издигнуваат повеќекатни архитектонски зданија со уредени раззеленети дворови. Рака под рака, тука на исто оро се фатиле традицијата и модернизмот. Впечатливата слика, која се открива пред нас, личи на херметички замрзнато минато во кое се населила иднината донесена од туѓина. Печалбарството тука видливо ја одиграло својата улога. Длабоко вкоренета, печалбарската нишка се провлекува низ вековната приказна на тетовското село Вратница.
 
Сместено во Полошката котлина, селото Вратница го нашло своето удобно гнездо во пазувите на Шара. Веднаш над него, стрмно се извишува планинскиот врв Љуботен. Со своите назабени сртови, планината стои како скаменет чувар на српско-косовската погранична линија, која минува само на неколку километри оттука. Погледнат одоздола, Љуботен личи на врат што ја исправил својата глава, достигнувајќи височина од 2.496 метри.
 
Со ширум отворена врата кон недогледните планински предели, Вратница му посакува топло добредојде на секој посетител. Пречекорувањето на нејзиниот праг е влез во прекрасниот пејзаж на бујна вегетација и недопрена природа.
 
Селото, распослано на падините, денес има околу двесте куќи, од трошни до најмодерни. Тие, како спротивставени одблесоци на одминатите времиња, верно сведочат за историјата на ова место и за неговото долготрајно опстојување.
 
Жителите на Вратница заминувале и се враќале. Оттаму и името на ова село.
 
- Овој простор е населен од дамнина, уште во петнаесеттиот век, кога населението протерано од турскиот зулум, го напуштило родниот крај и пребегало на север. Но, протерани и од таму, луѓето се вратиле во своите домови и ја почнале вековната приказна на одење и враќање, која и понатаму продолжува да ни се случува - раскажува староседелецот Стојче Крстески, претседател на месната заедница во Вратница.
 
Неговиот ведар планинарски дух нe воведува во печалбарското минато на некогаш големото и надалеку прочуено село.
 
Во 1961 година селото можело да се пофали со над илјада и петстотини жители, а денес се останати едвај третина од нив. Најголем број емигрирал во Америка и во западноевропските земји.
 
Детроит е престолнината на иселениците од овој крај. Во него, среќата ја нашле повеќе од 2.000 вратничани.
 
Македонските Американци секое лето се враќаат во своите родни куќи, кои соблекувајќи го скромното селско руво, станале слика на остварениот американски сон.
 
Првиот печалбар ја напуштил Вратница во далечната 1903 година. Во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век, економските услови ги принудуваат вратничани да се отселуваат во потрага по подобро утре.
 
- Нема да дозволиме селото да замре, туку ќе му ги вратиме некогашниот сјај и благосостојба - со силна верба зборува Сашо Серафимовски, сопственик на малата фабрика за конфекција што веќе неколку години успешно се занимава со производство на текстил за извоз.
 
Заедно со долгопостојната индустрија за градежни материјали, овие индустриски гранки во подем, раѓаат некаква надеж за намалување на невработеноста, со што би се спречил натамошниот одлив на младината од Вратница.
 
Селото веќе дваесет години ужива во сите услови на урбанизирана населба. Асфалтираните улици како кривулести премини нe водат помеѓу новоизградените куќи, кои пркосејќи и на традиционалната архитектура се натпреваруваат со различните стилови и димензии. Водоводна и фекална инфраструктура, амбуланта, кафулиња, дом на културата и основно училиште се само дел од елементите што ја разликуваат Вратница од многу други села во земјава.
 
Вратничани се горди на отмениот изглед на родниот крај. Насмеаните лица на малкуте преостанати селани нe поздравуваат додека ги завршуваат секојдневните обврски и подготвувајќи се за снежната зима со нетрпение го очекуваат враќањето на летото.
 
Вратница оживува во летниот период. Жуборот на реката Раќита се слева со вревата на детските гласови. Брзата планинска вода што извира од Љуботен и Ливадица, го носи името на растението што вирее по должината на нејзиниот тек. Раќита е грмушесто растение со тенки гранчиња кои претставуваат најпогоден материјал за изработка на плетени кошници.
 
На реката вратничани се разладуваат цело лето, а на риболов одат на вештачкото езерото во Голина. Овој предел можеби е гол со шума, но затоа црвеницата е идеална почва за лозовите насади кои овде се протегаат на површина од триесетина хектари.
 
Езерото, на кое традиционално се организира натпревар во риболов, достигнува длабочина и површина на кои може да им позавидат другите порибени езера. Дом е на крапот и амурот и претставува едно од првите мрестилишта со соларно затоплување.
 
Вратите на Вратница се секогаш отворени. Селото, кое заедно со уште 17 населени места и припаѓа на општината Јегуновце, живее во мир и добрососедство со околните соседни села. Иако единствено македонско село во овој регион, безредијата што се случуваа во минатите години ги има оставено зад себе, а населението верува дека иднината оди на поарно и дека набргу ќе прооди и зачнатиот пат, кој треба директно да ги поврзе со Скопје.
 
Заминуваме по постојниот пат. Вратница останува зад нас. Место на кое, бездруго, посакувате да му се вратите. Ветивме, пак ќе навратиме.
 
 
 


Слични статии:


Останати статии од оваа рубрика:

Оценки/Коментари   Оценете
(Редакцијата ВРЕМЕ Ве моли опцијата коментари да ја користите за изнесување на вашиот став за наведената рубрика, а не за меѓусебно препукување. Како друга опција можете да го искористите и форумот на ВРЕМЕе да го искористите и форумот на ВРЕМЕ http://forums.vreme.com.mk/

Оценил:   Bosko Miloseski
Statijata Vi e odlicna. Mozebi trebalo za ilustracija povece fotografii koi bi dale podobar opis na seloto izgledot selo ne e!













 
| Најава
© 2005 Време. www.vreme.com.mk Сите права се задржани.