.jpg)
Во исламот нема никакви ритуали за истерување демони, дециден е Хаџи Јакуп Селимовски, директор за верско образование во Исламската верска заедница, по објавените информации дека минатиот месец 27-годишно момче од Лабуништа починало во својот дом во сеанса за истерување духови. Ритуалот (што се состои од читање делови од Куранот и удирање со стапови по телото) го вршеле тројца припадници на исламската вахабитска заедница од Охрид чии идентитети засега се непознати. Во Исламската верска заедница велат дека не се запознаени со проблемот, но дека ќе се зафатат со негово решавање.
- Ќе се запознаам детално со случајот. Ова ми изгледа како да се прави злоупотреба на религијата. Вахабитите немаат организирана шема на дејствување, а мислам и дека во последно време авторитетот им слабее. Исламот не предвидува никакви ритуали за истерување демони - вели Селимовски.
Експертите по религија велат дека во случајот со смртта на 27-годишниот Абедин Алијоски станува збор за надрилекарство. Така, кај дел од радикалното исламско движење владеат верувањата дека човечкото тело може да биде опседнато од демони, сенки, духови или џинови. Ваквите верувања не се типични само за исламската вахабитска заедница, туку владеат кај голем број исламски верници. Тие, како што тврдат експертите, веруваат во истерувачите на џинови, исто како што на пример, дел христијани веруваат во јасновидци или пророци.
Минтас од Скопје, кој тврди дека лекува натприродни болести со помош на Куранот, вели дека чинот на истерување џинови не се прави со удирање со стапови по телото.
- Тоа се лаги и измислици. Најверојатно тој ритуал го прават некои оџи што само го прочитале Куранот, но не знаат ниту што се џиновите, ниту како може да се истераат од телото. Во сите религии има такви луѓе што си поигруваат со маката на другите - вели Минтас.
Тој смета дека човечкото тело може да биде опседнато од џинови, кои се невидливи и имаат натприродни сили.
- Тие се истеруваат со помош на Куранот, од книга. Јас ги истерувам и со вода, мед или со маслиново масло. Не станува збор за никакво тепање. Смртта си доаѓа кога ќе сака Бог, тој не избира дали е човекот стар или млад - вели Минтас.
Според познавачите на овие верувања, има лоши и добри сенки (односно џинови), а во зависност од тоа постојат и различни начини за нивно истерување.
Младиот Абедин Алијоски, кој боледувал од невроза, починал во својот дом во Лабуништа на 25 јануари годинава. На чинот на истерувањето на демоните присуствувале тројца членови од семејството на Алијоски и тројца вахабити од Охрид. Семејството на Абедин не им дозволило на истражните органи да го видат мртвото тело, ниту пак да биде направена обдукција. Тој бил погребен без издаден смртен акт, бидејќи на лекарот не му било дозволено да ја констатира смртта. Од Јавното обвинителство чекаат пријава од МВР, а потоа ќе се одлучува дали телото на Абедин ќе биде откопано.
М. Ј.