|
СВЕТСКИ ДЕН НА ЗАШТИТАТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО
Оставнина за иднината
Денот на светското културно наследство, 18 април, е можност за актуализација на националните богатства и за потсетување на нивниот потенцијал за развој на културните индустрии (од културното добро прави економски профит, а од културниот локалитет - туристичка атракција). Вложувањето во културното наследство има повратен ефект на општиот развој, земјите со најголем број споменици на културата се и често посетувани дестинации и економски развиени средини.
Македонија има респективна културно-историска традиција, со повеќе цивилизациски слоеви, културни, етнички и конфесионални влијанија, многубројни и со векови стари артефакти и музејски експонати. Но, од земјата каде што секоја педа е археолошко наоѓалиште и секој камен - историја, Охрид (од 1980 година) е единствениот македонски учесник на листата на светското културно и природно наследство.
Од пред четири години на тентативната листа на УНЕСКО се Слатински извор и Маркови кули. Министерството за животна средина и просторно планирање ја почна подготовката на досието за Марковите кули.
- ООН сега има построги стандарди и критериуми отколку пред 27 години, кога на листата беше регистриран Охрид - вели Лидија Топузовска, генерална секретарка на Националната комисија за УНЕСКО.
Во објавувањето на четиритомна публикација „Културното наследство на Македонија“, чиј носител е Управата за заштита и која треба да биде отпечатена до крајот на годинава, УНЕСКО донира 50.000 евра. Првиот дел од публикацијата им е посветен на македонските цркви, вториот на спомениците од отоманскиот период, третиот се однесува на археолошките локалитети во земјава, а четвртиот раскажува за Охрид како град на УНЕСКО.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|