|
МУЗЕАЛЦИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ
Македонија нема стратегија за превентивна заштита
Македонија нема посебна стратегија за заштита на културното и природното наследство, но затоа има богата културна оставнина, со која учествува во универзалното наследство, заклучија учесниците на советувањето што по повод 18 мај, Меѓународниот ден на музеите се одржа во Прилеп.
Македонскиот национален комитет на ИКОМ организираше советување на темите: „Превентивната заштита на културното и природното наследство” и „Музеите и универзалното наследство”, на која освен научни и стручни работници од Македонија учествува и гости од Србија, каде што веќе се применува превентивната заштита на културното наследство.
- Посебна стратегија за заштита на природното културно наследство немаме. Последните години направивме чекор напред во заштита на она што го поседуваме. Имаше и промени во законска регулатива. Но, тоа не е доволно. Како земја треба да направиме стратегија за заштита на културните богатства со внесување искуства од странство. Музеите имаат проблем во едукацијата и затоа почнавме да работиме на тоа поле. Колекционирањето, исто така, е голем проблем поради финансиската немоќ на државата. Последните години се обидовме на младиот човек да му го доближиме културното наследство - вели Захаринка Алексоска - Бачева, претседател на МНК на ИКОМ.
Македонскиот национален комитет на ИКОМ ги воочува проблемите со музејското дејствување. Главната цел е како Македонија да може да придонесе во заштита на културното добро и универзалното наследство оти е земја во која се чуваат многубројни културни добра од сите цивилизации.
- Македонија е ризница на културна добра. Токму затоа нашите размислувања се за превентивна заштита на она што го поседуваме - вели Бачева.
Превентивната заштита е стратегиски концепт за грижа за наследството во музеологијата денес велат експертите од странство кои го пренесоа своето искуство на македонските колеги.
- Ако се направи анализа на целиот југоисточен регион и на Балканот би се покажало дека проблемите во регионот се слични. Секоја држава во регионот, па и Србија и Македонија треба посериозно да се позанимаваат со изградба на стратегија која на прво место би го определила теоретскиот концепт за заштита на наследството и методологијата на спроведување. Современата заштита бара да се применува интегративен концепт за заштита на оставнината, а тоа значи да се вклучат сите елементи и тоа да не се третира сегментарно. Во системот на заштита треба да се вклучат сите категории на наследството од архитектура, музејски предмети, археолошки локалитети, архиви - вели Мила Поповиќ - Живанчевиќ, од центарот за превентивна заштита „Дијана” на Народниот музеј од Белград
Според приоритетите што таа ги наведува, прво државата треба да го осовремени образованието на постојниот кадар преку регионални иницијативи и соработки. Видлив е, вели Поповиќ - Живанчевиќ, и недостаток на научно истражувачки работи и не постои воспоставен синџир меѓу природата на материјалот и деструктивните појави што му се случуваат. Последната алка е самиот начин на чување и конзервирање на предметите. Особено е важно во секоја институција да има воспоставени услови на чување и тука е срцето и поентата, врз која е фокусирана превентивната заштита на културното и природното.
Според странските искуство неопходно е да се работи со публиката и на воспоставувањето близок однос со широката јавност за да зголеми свеста за значењето на културното и природното наследство на земјата.
Св.Р.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|