|
Поуки од Бугарија
Кристофер Делисо
Имајќи ги превид историските несогалсувања меѓу Македонците и вашиот источен сосед, јасно е зошто многу Македонци не сакаат да слушнат било што добро за Бугарија. Но, Македонија може многу да научи од својот источен сосед и бугарскиот успех во развојот на туризмот во изминатите години. Точно е дека Бугарија е многу поголема земја со атрактивно крајбрежје, но и Македонија може да ја подобри својата туристичка индустрија гледајќи што успеало, а што не успеало во Бугарија. На пример, Македонија мора да ја направи понудата поразновидна и да се сконцентрира на услугите. Бугарија доби многу пари од Европската Унија да ги поправа старите традиционални куќи и да се концентрира на привлечноста на стилот на национална обнова од 19 век. Но, ова доведе до едноличност, бидејќи сите почнаа да градат традиционални гостински куќи или меани, а преголемата понуда на сместување ги собори цените. Кога повеќето или сите хотели и ресторани се скоро исти, тоа отвора проблеми за патеписците. Умните бизнисмени се обидоа да се направат различни од другите и да прават „бутик-хотели“, кои се целосно поинакви, уметнички стилизирани или на друг начин ги привлекуваат туристите. Но, услугата е многу поважна од архитектурата. Пред три-четири години, Бугарија доживеа голем пораст на туризмот, но тој не расте со рамномерно темпо. Западните туристи заинтересирани за Источна Европа, кои постојано бараат некоја нова источноевропска локација, ја открија Бугарија, но и решија да одат подалеку, бидејќи главен фактор за долгорочната стабилност на туристичката индустрија е уникатната и квалитетна понуда. Делумно поради немање искуство, а делумно поради недостиг на квалификуван персонал во земја во која најдобро обучените млади луѓе работат во странство, со сиромашна економија која поттикнува незаинтересираност, Бугарија не успеа да остави голем впечаток на посетителите во поглед на услугата. Според моето искуство, најуспешните хотели кои од година в година бележат подем, се хотелите кои имаат највисока стапка на редовни гости. Јасно е дека верните муштерии ви гарантираат стабилен профит и развивање на брендот на локалот. За да добиете вакви муштерии, мора да имате сигурна и квалитетна услуга. Бугарија постигна голем успех во бизнисот со недвижнините. Иронично е што додека луѓето од Балканот бегаат на Запад во потрага по подобра иднина, Западњаците трчаат на Балканот за да побегнат од своите земји. Тоа го прават поради низа причини, од кои една се високите цени на животот, криминалот и загриженоста поради имигрантите. Од друга страна во Бугарија трошоците на животот се ниски, а земјата е релативно безбедна. Странците ќе имаат слично искуство и со Македонија, кога македонските закони за трговија со недвижностите ќе се либерализираат. Затоа, треба да се поздрави иницијативата во таа насока на вицепремиерот Зоран Ставревски. Менувањето на законите не е тешко, тоа е обична процедура. Но, во Македонија изгледа дека навистина е тешко да се смени менталитетот. Бугарија е толку пред вас затоа што беа многу помотивирани, порешителни и потрпеливи во развојот на туристичката индустрија. Најважно од се, сите, од владата до хотелските оператори, навистина ги слушаа советите од надвор. Звучи логично дека ако сакате да имате странски туристи, треба да слушате што тие сакаат да видат. Кога би сакал да натерам македонски туристи да ја посетат Америка, би се обидел да откријам што Македонците сакаат или очекуваат, а потоа да се обидам до нив да ја испратам пораката дека Америка тоа го нуди, на јазик што ви е разбирлив и со локални маркетиншки и промотивни активности. За жал, Македонија покажа многу малку интерес за тоа што потенцијалните муштерии го сакаат, им треба или го очекуваат. Ако одите во Бугарија како странец, професионалец од туристичката гранка, релевантните личности во Бугарија сами ве бараат, прашуваат како би можеле да работат подобро, како подобро да им помогнат на муштериите. Македонците, пак, почнуваат од претпоставката дека знаат се и дека не е дури ни потребно да ги проверат работите што само ги претпоставуваат. Бугарија можеби имала многу поостар комунизам од Македонија, но се покажа дека е многу подобра во капитализмот. Ова многу добро се гледа во маркетингот. На „Си-ен-ен“ има реклама за Бугарија на секои саат-два (Хрватска ја има на 15 минути). Македонија, пак, направи една реклама која се емитуваше многу кусо време и немаше никакво влијание. Тоа што Македонија нема министерство за туризам е многу индикативно дека на туризмот во Македонија не се гледа како на клучен приоритет. Слабиот квалитет на маркетингот и (не)познавањето на странските јазици не само во туризмот туку на сите полиња покажува дека владата се уште не го сфаќа англискиот јазик како приоритет, што е проблем ако се има предвид дека тоа е јазикот на светот. Тоа е проблем на сите полиња, од тоа како странците гледаат на вас, преку економската клима, до спорот за името и националната безбедност. Сегашната Влада донекаде ги подобри напорите во споредба со претходните власти, но се уште вчудовидува очигледното несфаќање на важноста на глобалниот англиски јазик за националните интереси. Накусо, има уште многу нешта што може да се сторат за да се подобри туризмот, покрај промовирањето и подобрувањето на самиот производ. Македонија има исклучителни природни, културни и историски ресурси да ги понуди за странските туристи. Секако дека не е предоцна, но време е да се почне. Македонците мора да запомнат дека странските туристи и трагачите по недвижности имаат многу други места на кои може да одат. Прашањето на кое мора да одговорите е: што имаме ние, што е различно и подобро од тоа што го имаат другите? Како да го понудиме? Како да ја испратиме пораката до светот? Ова е нешто што не може да го постигне група министри, или патувачки агенти или сопственици на хотели. Ова е проект кој бара целосна промена во традиционалниот начин на размислување. Пред се, треба да се праша муштеријата. Моето лично искуство, при неодамнешното промовирање на книгата „Скриена Македонија“ во Лондон, ми овозможува да бидам пооптимистички расположен за иднината. Уставното име на Маекдонија беше промовирано на програмата „Вишок багаж“ на Радио4 на „Би-би-си“, а Македонија ја промовиравме во продавницата „Травел букшоп“ на Нотинг Хил, која беше инспирација за филмот „Нотинг Хил“ со Хју Грант. Авторот е новинар и автор на патеписи од Бугарија и Грција за најголемиот светски издавач на патеписи „Лонли планет“, како и на книгата „Скриена Македонија“ за Охридско и Преспанско Езеро
|