|
БУГАРСКИ МИНИСТЕР СЕ ПОЖАЛИ ВО СКОПЈЕ
Петков: Во Македонија се води антибугарска кампања
Миле Ристески
Македонските медиуми водат антибугарска кампања, обвини вчера во Скопје бугарскиот министер за внатрешни работи Румен Петков, по работната средба со македонската колешка Гордана Јанкуловска. - Се добива впечаток дека во македонските медиуми се води една антибугарска кампања. Ве молам да пишувате за Бугарија така како што е. Ние ги почитуваме нашите соседи од Македонија и Бугарија и бугарските граѓани не заслужуваат таков негативен однос - рече Петков. На новинарско прашање како ги коментира емисиите во бугарските медиуми, кои имаат отворен антимакедонски став, како во сериозните информативни емисии и весници, така и во шоуто на бугарскиот шоумен Славеј Трифунов, Петков одговори: - Не можам да кажам категорично дека ги нема, но тоа се исклучоци. Петков не сакаше подробно да го објасни своето тврдење сметајќи дека не треба да прави анализа на македонските медиуми, но дека има впечатокот дека во македонските медиуми се води антибугарска кампања. Бугарскиот министер одбегна коментар за последниот извештај на „Стејт департментот“ на САД, во кој се посочува дека Бугарија ги крши човековите права во однос на непризнавањето на македонското малцинство во земјата. Го повтори познатиот став зошто ОМО Илинден Пирин не може да биде регистрирана како политичка партија. - Не мислам дека треба да се прави идентификација меѓу ОМО Илинден и граѓаните со македонска свест - рече Румен Петков. Двајцата министри за внатрешни работи по средбата рекоа дека се задоволни од досегашната соработка. Наскоро ќе се формираат заеднички комисии за искоренување на трговијата со луѓе и дрога и шверцот на акцизни стоки. На граничните премини најдоцна до крајот на мај ќе бидат отворени канцеларии за врски, кои имаат за цел да го олеснат протокот на патници меѓу двете држави.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|