|
ЃОРЧЕ СТАВРЕСКИ СНИМАШЕ ЗА УБАВИНИТЕ НА ЗЕМЈАВА
Готов третиот спот за Македонија
Режисерот Ѓорче Ставрески е автор на третиот спот за туристичка промоција на Македонија, како дел од пошироката кампања на Владата според која треба да се изработат пет видеопрезентации за таа намена. - Спотот е готов “ вели Ставрески, не сакајќи да зборува за деталите се до официјалната промоција. Покрај првите два спота, на режисерите Милчо Манчевски и на Игор Иванов “ Изи, кои веќе се промовирани во јавноста, но и на странските канали и кои се од поопшт карактер, во овој спот се покажуваат природните убавини на земјава. Како што неодамна изјави портпаролот на Владата за „Време“, покрај првиот спот „Македонија вечна“ на Милчо Манчевски, кој не е дел од пакетот од пет видеопрезентации, и тие на Иванов и на Ставрески, треба да се реализираат уште три реклами и тоа: за промоција на македонските цркви и манастири, во режија на Милчо Манчевски, а во продукција на „Сенка филм“, за промоција на македонското вино и за промоција на Македонија како археолошки рај. Тој тогаш додаде и дека спотовите за промоција на Македонија како туристичка дестинација, кој веќе го изработи Иванов, но и за промоција на македонските цркви и манастири во режија на Манчевски, како и тој за промоција на Охрид треба да бидат готови до крајот на мај. - Кон крајот на мај беше распишан оглас за спотовите за промоција на македонското вино и за Македонија како археолошки рај - ни изјави Дураки. Дали агендата на Влада се реализира според најавите или има некои промени во нејзината концепција вчера не можевме да добиеме одговор од ниту еден од двајцата портпароли на Владата. Режисерот Ѓорче Ставрески досега има изработено еден краток, петнаесетминутен филм „На изгрејсонце“, а има снимено и два документарни филма „Дома“ и „Адам и Ева“, за кој доби и награда на фестивалот на документарен филм „Загреб докс“ во Хрватска. Тој е дел и од режисерскиот тим што работи на филмот-омнибус „Д‘ Скопје“, кој деновиве почна да се снима во главниот град.
И.В.
|