|
НОВИ СТАНДАРДИ ЗА ПРОДАЖБА НА ХРАНА НА ПАЗАРИТЕ
Нема продажба на јајца на тезги
Јајца може да се продаваат само во затворен простор, а ладилници за продажба на млечни производи во Скопје ќе бидат обезбедени само за Бит-пазар, најавија од „Скопски пазар“. Ова произлегува од Законот за безбедна храна, според кој пазарите мора да обезбедат хигиена, правилно чување и амбалажа на производите. Иако законот,требаше да почне да се применува од Нова година, инспекторите попуштија уште еднаш оставајќи пазарџиите и организаторите на пазарот да се договорат кој ќе ги создаде условите за примена на новите стандарди за хигиена. - Зелените пазари се должни да обезбедат соодветни услови за работа, да направат одделни простории, да набават витрини и ладилници, ако не го направат тоа, вината не може да биде наша - смета Екрем Долек, претседател на Здружението на сопствениците на тезги. Според Боце Славков, раководител на зелените пазари при „Скопски пазар“, засега само Зелен-пазар и пазарот во Ѓорче Петров ги исполнуваат сите услови за да се продава сирење во ладилници. - Во преговори сме со Дирекцијата за безбедност на храна и со Ветеринарната управа да причекаат додека не обезбедиме градежна дозвола за да почнеме со градба на посебните простории за млечни производи. Засега, решивме да градиме просторија за ладилници за сирење само на Бит-пазар затоа што таму имаме најголем број тезгиња за сирење - дури девет - вели Славков. Тој најави дека на сите зелени пазари во Скопје и натаму ќе се продаваат јајца, ама место на тезге, ќе бидат сместени во посебни киосци. Притоа, до лето организаторите на пазарите имаат обврска да обезбедат ладилници и за овој производ.
С.Ј.
|