|
Вистината за „историската“ седница
Во својата колумна во „Време“ од 24-25 јули 2010 година, насловена „Македонисти и бугарофили во ВМРО-ДПМНЕ“, авторот господин Јове Кекеновски ненамерно, поради недоволно познавање на фактичката состојба во врска со мојот случај, ме споменува кога ги набројува потписниците, кои, божем, се покајале и го повлекле својот потпис за што подоцна биле наградени со функции. Веднаш по објавувањето на статијата го пронајдов господин Кекеновски и по телефон му објаснив дека вистината е сосема поинаква. Тој го прифати моето објаснување бидејќи, како што рече, тоа нему не му било познато. Во интерес на вистината што многу ми значи, накусо ќе ја запознаам јавноста со некои околности што ја следеа таа, навистина, историска седница на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ и периодот по неа. Во суштина, се согласувам со изнесеното од Кекеновски. Таа фамозна седница беше проследена со големи тензии, набиена со емоции и нескриен страв за судбината на партијата. Вистина е дека некои потписници, претходно обработени, јавно ги повлекоа своите потписи и дека низ државата крстосуваа специјално испратени екипи со задача да ги убедат членовите на ЦК да го променат својот став. Јас никогаш не го сменив ставот во врска со овој случај, ниту го повлеков својот потпис, поради што имав непријатности од Доста Димовска. Во тие премрежја вистинските македонски патриоти беа на цена. Следуваше период на престројување, бакнувањето рака, безброј лични понижувања. Веднаш ме сменија од функцијата координатор на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани и од членство на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ. Во наредниот период бев кандидиран и поддржан од 17 месни комитети, додека мојот противкандидат доби поддршка од три месни комитети. Иако на ЦК мојата верификација требаше да биде само формалност, Доста Димовска, достојна на самата себеси, го спречи тоа и вметна кандидат што воопшто ги немаше поминато претходните филтри (базата, кадровската комисија и ИК на партијата). Иако јавно агитираше против мене, а половина од членовите на ЦК воопшто не гласаа (соочени со својата совест и стравот, од друга страна), сепак добив 42 гласа, додека мојот противкандидат 24 гласа. Но, госпоѓа Димовска успеа да го поништи гласањето, по што се стана бесмислено и јас, посакувајќи им успешна работа на присутните, ја напуштив седницата. Тоа го направив во интерес на единството на партијата, што ми беше најважно во тој момент. Незадоволни од ваквата постапка на дел од раководството, речиси од целата изборна единица (34) се побунија и јасно порачаа дека изборите за нив се завршени. Иако бев тешко повреден и како човек и како основоположник на ВМРО-ДПМНЕ во регионот, собрав сили и јавно го поддржав сега веќе официјалниот кандидат, сметајќи дека партијата е поважна и е над се. Како набљудувач, делегиран од ИК беше сега покојниот Борис Трајковски, кој ги пренел мојот став и мојата постапката ги пренел на седница на ИК. Поради сево ова, но и поради огромната поддршка што ја уживав во базата, го добив местото во ЕСМ - Кочани, иако можеше многу лесно да се случи да останам и на улица, каков што статус имам последните седум години. Инаку, притисокот од страна на Димовска го чувствував се до последниот момент додека беше на позиција. Со ова јавување сакав да дадам прилог да ја дообјаснам колумната на Кекеновски, за која сметам дека е реална и верно сведочи за тие бурни и тешки моменти на ВМРО-ДПМНЕ. „Македонската вистина е запишана со крв, солзи и со непокор. Затоа е вечна“.
Ванчо Каранфилов, Кочани
|