Словенечката фирма „Колинска“ и турски „Улкер“ покажале интерес
да го купат ресенскиот капацитет за производство на прехранбени производи „Агроплод“,
тврдат извори од фабриката. Тие својот интерес, наводно, им го навестиле на дипломатските
претставништва на Македонија во двете земји.
Кире Илиевски, директор во „Агроплод“, тврди дека досега ниеден
претставник од двете фирми ниту ја посетил ниту се интересирал за фабриката.
- Ние не сме против инвестиции во „Агроплод“ и ако се најде некој
сериозен, кој има јасна визија како да менаџира со неа, секако дека ќе ја добие
довербата на вработените – вели Илиевски.
Веќе подолго време и меѓу тамошните акционери се зборува дека
е можна продажба и дека токму како можни имиња за идни газди се словенечка и турска
фирма.
Во претставништвото на „Колинска“
вчера не беа достапни да одговорат дали менаџментот го гледа „Агроплод“ како можна
цел за инвестиции.
А во претставништвото на „Улкер“
во Скопје велат дека не се запознаени со можната инвестиција, бидејќи одлуката е
на врвот на компанијата. М. К.