Двајцата македонски пливачи Александар Маленко и Сергеј Наумовски во саботата го завршија настапот на 8. Светско првенство во куси базени во Шангај, Кина, со резултати под очекувањата. И во последната трка, на 100 метри слободно, во саботата македонските претставници пливаа послабо од резултатите што ги имаа пријавено како најдобри постигнувања сезонава.
Маленко во квалификациите го освои 49. место со резултат од 51,47 секунди, со кој заостана за 3,22 секунди зад најбрзиот во квалификациите Николас Брунели од САД (48,25 сек.).
Постигнувањето на Маленко на СП во Кина е за 1,37 секунда послабо од времето од 50,10 сек. со кое беше пријавен на стартот, како и 77 стотинки од неговиот државен рекорд.
Во истата трка Наумовски заврши десет места подолу од Маленко, на 59. позиција, со резултат од 52,61 секунди и заостанување зад Брунели од 4,36 секунди. Неговото постигнување во Шангај е за 70 стотинки послабо од времето што го имаше пријавено како негов најдобар резултат сезонава (51,90). Во квалификациите на 100 м слободно на СП во Кина настапија вкупно 95 пливачи.
Тренерот Наташа Мешковска пред заминувањето за Кина како успех за нашите репрезентативци го постави влезот меѓу првите 30 пливачи и најави дека очекува тие да ги повторат своите најдобри резултати и евентуално да соборат некој државен рекорд.
На СП во Шангај не се оствари ниту едно од очекувањата во македонскиот табор.
Б.Б.П.